Генерацијата на ФК Вардар родени “2006“ година ќе играат во полуфиналето на детската лига, откако денес во четвртфиналето ја победија екипата на ГФК Неготино. Избраниците на Сашо Јанев триумфираа со пресврт (7:2), откако на полувреме беа во негатива (1:2).
По неколку удари на двете страни, екипата од Неготино беше таа која успеа да го отвори резултатот и да поведе со 0:1. Сепак вардарци ја играа својата игра, иако во првиот дел Неготино даде достоен и силен отпор, но очигледно дека не беше подготвен за цел натпревар да се носи со нашите млади надежи. Марко Николовски успеа да го постигне првиот гол за екипата на Вардар и да го израмни резултатот на 1:1. Истиов играч се најде во нова прилика, но противничкиот голман со крајни сили успеа да го одбрани ударот. До крајот на првиот дел, екипата на Неготино успева да постигне втор гол и на одмор да замине со водство од 1:2.
Вардарци сиот свој квалитет го демонстираа во второто полувреме, а екипата на ГФК Неготино речиси и да не ја помина својата половина. Тргнаа офанзивно избраниците на Сашо Јанев, само да му дадат до знаење на противникот дека нема што да бараат во овој дел од мечот. Откако биеше најпрво Трифуносвки, а голманот одбрани, на одбирната топка стигна Алтин Алији, кој ја смести во мрежата и по само 2 минути игра во вториот дел падна израмнување на натпреварот (2:2). Надмоќни беа црвено-црните во овој дел од мечот и целосно го надиграа противникот. За само две минути успеавме да направиме целосен резултатски пресврт и со голот на Стефан Коловски да поведеме за прв пат на овој натпревар од 3:2.
Се редеа шансите пред голот на неготинчани, а следен кој се најде во шанса беше Алији, но одбрани голманот на противникот. Имавме голема прилика и преку Стефан Коловски, кој ја погоди пречката и немавме среќа во оваа ситуација. Сепак во следната шанса, постигнуваме нов гол, втор на овој дуел зад името на Алтин Алији, кој го зголеми резултатот на 4:2. Неготино сосема беше немоќен и немаше сили да се надигрува со Вардар. Сите дилеми околу конечниот победник ги решивме кога гол постигна Дарко Сековски и веќе донесе предност на својата екипа од 5:2. Иако имавме високо водство, бевме желни за нови погодоци и уште подобра игра. Тренерот Јанев за да ги зачува силите за полуфиналето, шанса им даваше на сите играчи, кои му беа на располагање за овој дуел. Удар имаше Николовски, кој шутираше во рацете на голманот, а Дарко Сековски со силен удар го постигна својот втор гол и донесе водство од 6:2.
До крајот на мечот во листата на стрелци успеа да се запише уште и Александар Миовски, кој погоди од пенал, откако Неготино направи три корни. За одбележување е и шансата на Трифуновски, која голманот на протвникот успешно ја одбрани. На крајот победа за Вардар, со конечни 7:2.
Попладнево со почеток од 17:45 ќе играме полуфинале, со победникот од дуелот помеѓу екипите на Топ Тим и ЛГ Битола.