Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > ФК ВАРДАР: ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ, АЦЕ… ВИ БЛАГОДАРИМЕ!
ФК ВАРДАР: ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ, АЦЕ… ВИ БЛАГОДАРИМЕ!

ФК ВАРДАР: ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ, АЦЕ… ВИ БЛАГОДАРИМЕ!

Фудбалскиот клуб Вардар на својата официјална страница се прости на емотивен начин од шест играчи кои беа дел од костурот на тимот во ланската епска сезона кога влеговме во групната фаза на ЛЕ. Црвено-црните кажаа збогум на капитенот Бобан Грнчаров како што и наговестивме, потоа на заменикот Никола Глигоров, на третиот капитен Дејан Блажевски,  Ховханес Хамбарџумјан, Дарко Глишиќ и  Ацо Стојков. Во продолжение дел објавената благодарност од Вардар до своите довчерашни играчи:

Понекогаш доаѓа време кога треба да се сврти нова страница, доаѓа време на промени, а таков „бран“ го зафати и Вардар. Дојде времето на некои други да го покажат својот потенцијал и квалитет во нашиот тим, кои ќе донесат нови ветришта, ќе го поведат „црвено-црниот“ клуб кон нови успеси, кон нови победи, титули, меѓународни успеси…

grn2

Затоа во овој момент им се заблагодаруваме на сите оние кои што беа дел од Вардар во изминатата сезона, а кои во иднина нема да бидат во нашиот клуб, барем не како играчи. Им кажуваме едно големо БЛАГОДАРАМ поединечно на: нашиот капитен Бобан Грнчаров, потоа на заменикот Никола Глигоров, на третиот капитен Дејан Блажевски, на Ховханес Хамбарџумјан, благодариме на Дарко Глишиќ и на Ацо Стојков за сето она што го сторија за нашиот тим во изминатите неколку години. На сите шестмина им истекоа договорите со Вардар, и тие се слободни фудбалери. 

ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ И АЦЕ… Од срце Ви се заблагодаруваме за прекрасните мигови минати во нашиот тим. Овие четири години во кои се случија само убави работи, ќе придонесат да ги паметиме вашите настапи, и тие да бидат пример за идните генерации кои доаѓаат. Ни беше чест и задоволство што го носевте дресот на нашиот тим. 

Можеби после Вас во Вардар нема ништо повеќе да биде исто, но амбициите и целите на клубот остануваат исти. Продолжуваме по патот на кој Вие чекоревте, а тоа беше оној шампионскиот. Затоа сме и најтрофеен клуб, затоа што секогаш го имаме најдоброто. Така ќе биде и во иднина. 

ВИ БЛАГОДАРИМЕ И СРЕЌНО!