Горан Попов, носителот на капитенската лента на Вардар ги искажува своите импресии од подготовките, од пријателските натпревари, и секако искажа свои очекувања од средбите на Вардар во Лигата на Европа.
Како си задоволен од досегашниот тек на подготовките на екипата во Словенија?
„Можам да кажам дека сум презадоволен од тоа како работиме тука во Словенија. Тренираме напорно, ги воигруваме сите тактички варијанти. Новите играчи одлично се вклопија во тимот, а тука се и младите кои имаат квалитет, и сега само треба да се надоградуваат, и низ тренинзите и пријателските натпревари да стекнуваат дополнително искуство кое ќе биде драгоцено. Веќе низ неколкуте контролни средби покажаа дека можат да се носат со предизвикот, и мораме да бидеме задоволни од нивната работа и од работата на целата екипа во целина“, вели искусниот дефанзивец на Вардар.
Твоето видување на досегашните пријателски натпревари на Вардар.
„Одигравме до сега три контролни натпревари, на два победивме и еднаш одигравме нерешено. Првиот натпревар ни беше со противник кој има релативно послаб квалитет, но во вториот контролен меч игравме со Домжале, тим кој што заврши на третото место во лигата во Словенија и успеавме да дојдеме до триумф. Сметам дека првенството во Словенија е посилно од македонското, и затоа можам да кажам дека и тој натпревар, и овој последниот со Марибор ги одигравме во еден висок ритам со силни ривали. Со Марибор имавме лош почеток, лошо влеговме, примивме брзо три гола, ама потоа успеавме да се стабилизираме, да постигнеме три гола и да се вратиме во мечот. Навистина тоа беше еден добар натпревар за нас“, вели Попов.
Престојат уште четири контролни натпревари, кои се твоите очекувања и посакувања од тие мечеви?
„Очекувам низ следните неколку натпревари најпрво добро да се воиграме, и да ја најдеме вистинската форма пред настапите во Европа. Сметам дека подготвени ќе ги дочекаме натпреварите во Лигата на Европа. Исто така сакаме да победуваме и во следните контролни мечеви. На секој натпревар треба да ги исполнуваме задачите на стручниот штаб, и очекувам да продолжи континуитетот на добри резултати на пријателските натпревари на подготовките во Словенија“, изјави Попов.
И за крај неколку реченици за ерменскиот Пјуник, следниот противник на Вардар во Лигата на Европа.
„Секако дека ќе го респектираме противникот, нема да потцениме никого, и ќе влеземе максимално во двата натпревари. Затоа треба добро да се подготвиме. Имаме уште повеќе од две недели добро да анализираме, добро да ги видиме нивните добри и лоши страни. Убеден сум дека подготвени од сите аспекти ќе ги дочекаме тие два меча и на крајот, секако, посакувам, и верувам дека ние ќе излеземе како победници и ќе се пласираме во следната фаза“, рече Попов.