Повторно РК Илинден Вардар доби потврда за својата квалитетна работа со младите ракометни надежи. Оваа регионална школа која е во склоп на Академијата на РК Вардар и оваа сезона ќе даде голем број играчи во црвено-црниот тим. Школата фунционира во скопската населба Илинден, истата ја раководат и работат со членовите брачниот пар Јаневи, Дарко и Александра.
Од шампионската генерација родени 2004 и 2005 година која со успех настапуваше во Вардар Јуниор лигата и на Зимскиот турнир на Академијата на РК Вардар “Една љубов, еден живот“ во младите селекции на РК Вардар заминуваат пет момци. Станува збор за следните пет момци: Никола Спасовски, Александар Стоименов, Петар Колевски, Матеј Трајановски и Андреј Петрушевски. Повторно како и минатите години РК Илинден Вардар ќе го даде “јадрото“ на младите тимови на Вардар. Секоја година токму од нив се регрутира костурот на екипите кои се натпреваруваат во лига системот на Ракометната федерација на Македонија. Вака големиот број на селектирани играчи покажува дека оваа регионална школа е “расадник“ за таленти и дека во неа се работи на високо ниво што се рефлектира со големиот број “регрутирани“ играчи во Вардар.