Пионерите на ФК Вардар стигнаа до првата првенствена победа, откако денес на теренот на Академијата го добија дербито со екипата на Шкендија. Екипата на Вардар предводена од Игор Кралевски славеше со резултат 3:1.
Тренерот Кралевски стартуваше со следниве 11-сетмина: Величковски, Петејчук, Ѓурковски, Крстевски, Асани, Величковиќ, Гугуљанов, Речица, Игнатов, Андоновски, Омерагиќ (c).
Анатолиј Петејчук го имаше првиот обид на овој меч, кога шутираше покрај голот на Шкендија. Црвено-црните успеваат набргу да го отворат резултатот со голот на Харбин Речица, кој погоди со глава за 1:0, на нафрлена топка од корнер.
Вардар имаше поголем посед на топка и најголем дел од играта во првото полувреме. Следеше период кога обиди имаше Омерагиќ, кој најпрво со глава бие покрај голот, за во следната прилика на додавање од Андоновски да шутира со освртување покрај голот. Дефинитивно Омерагиќ беше играчот кој најчесто се наоѓаше во шанса за погодок. Така беше и во следната прилика, кога повторно бие со глава, но топката заврши во рацете на притивничкиот чувар на мрежата. Шкендија можеше лесно да го израмни резултатот, кога одбиената топка стигна до еден од нивните играчи, кој од непосредна близина биеше само покрај голот, иако добро се постави и нашиот голман, Матеј Величковски. Омерагиќ се запишува во листата на стрелци, кога успева да ја погоди празната мрежа на Шкендија и да го зголеми резултатот на 2:0. До крајот на првиот дел ќе одбележиме еден удар на притувникот, како и тој на Омерагиќ кој на нафрлена топка од десната страна биеше со глава над голот. На одмор од десеттина минути се замина со резултат 2:0 за Вардар.
Вардар беше подобар и во вториот дел, во кој падна по уште еден гол на двете страни. Шкендија се понадева дека може да извлече бод, кога во 63 минута го намали резултатот на 2:1, но сите дилеми околу победникот ги реши нововлезениот Абдула Хасани, кој се запиша во листата на стрелци и во 80 минута ги постави конечните 3:1 на овој дуел. Ова беше прва победа за избраниците на Кралевски во новата сезона.
Во игра во второто полувреме влегоа уште и Хасани, Фазлиу и Салиу.