Денеска со почеток од 17:30 часот стартува новата натпреварувачка сезона во Лигата на шампионите за екипата на Вардар. Поспектакуларен старт не можевме ни да посакаме, црвено-црните гостуваат кај актуелниот шампион на Европа, екипата на Монпелје.
Од каде доаѓа најголемата опасност по нашиот гол денеска!?
Секако, најпрвин мислиме на Валентин Порт. Десниот бек на Монпелје е главен играч во нападот на овој тим. Доколку нашата одбрана успее да го запре секогаш незгодниот бек шутер, тогаш ќе заврши голем дел од работата. Само за потсетување, Порт во полуфиналето минатата сезона беше најдобар стрелец на мечот со осум постигнати голови.
По Порт, доаѓа ред на уште еден фантастичен играч. Се работи за Мелвин Ричардсон, синот на француската легенда Џексон Ричардсон. Ричардсон имаше одлична минатогодишна сезона, каква ќе биде овосезонската и дуелот против Вардар, ќе дознаеме за многу бргу.
Левата бековска позиција по повредите на Гребил е резервирана за уште едно откритие на минатогодишната сезона. Литванецот Јонас Тручановичиус минатата сезона застана на 58 погодоци, каква ќе му биде новата, времето ќе покаже.
Покрај овие тројца, никако несмееме да ги заборавиме ниту голманот Жерар, организаторот на играта Симонет, како и искусниот Кавтичник.
Поради повреда во тимот денеска ќе го нема Мишел Гигу, а единствен кој си замина и исто така нема да игра е Лудовик Фабрегас кој премина во екипата на Барселона.