Генерацијата на ФК Вардар родени “2004„ година успеаа да го добијат дербито со екипата на Шкупи. На теренот на Академијата нашите млади надежи славеа со резултат 4:1.
Вардар: Ангелов, Анчевски, Јаневски, Милошевски (c), Павлески, Каровски, Серафимов, Дошев, Идризи, Ибраим, Гуџуфи.
Вардар уште во првата минута од мечот успеа да го отвори резултатот и да поведе со 1:0. Тргнавме од центарот, изведовме брза акција, Каровски додаде до Бесар Гуџуфи, кој прецизно шутира за водство на Вардар од 1:0. Гледавме брз и динамичен натпревар, на кој и двете екипи беа желни за надигрување. Следеше нова добра акција на црвено-црните, Дошев додаде до Гуџуфи, овој продолжи до Идиризи, кој шутира, но противничкиот голман му влезе во ударот и спречи поголема негатива. Повторно во прилика се најде и Гуџуфи, кој на нафрлена топка од корнер бие со глава над голот на чаирчани. Конечно прв директен удар и за гостинската екипа и тоа од прекин, но Наум Ангелов ја исфрли топката во корнер. Ибраниците на Петар Ѓорѓиевски имаа уште две прилики до истекот на првите 40 минути и тоа преку Никола Павлески, чиј удар го одбрани голманот, како и шансата на Идризи од десната страна, кој ја погоди стативата. До крајот на првиот дел уште еднаш се закани Шкупи, но Ангелов одбрани. На одмор од десеттина минути, Вардар имаше минимално водство од 1:0.
По една голема грешка на стоперот Јаневски, екипата на Шкупи постигнува гол и го израмнува резултатот на 1:1. Примениот гол не ги обезхрабри нашите момци, кои тргнаа фуриозно кон противничкиот гол. Тренерот Ѓорѓиевски направи две измени. Во игра влегоа Хајдари и Стојановски, на местото на Дошев и Серафимов.
Црвено-црните успеаа да го вратат водството, со погодокот од околу 20 метри на Идризи, кој бие прецизно силно по земја, голманот на Шкупи иако се испружи, не успеа да ја допре топката, која заврши во неговата мрежа, што значеше нова предност за Вардар од 2:1. По само неколку минути уште еден погодок за нашиот тим и тоа втор на мечот за Бесар Гуџуфи, кој се најде на вистинското место, после одбиената топка од страна на голманот, откако шутна Идризи, веќе имавме солидна предност од 3:1.
Се обиде екипата од Чаир да врати, но одбрани нашиот голман. Павлески денес беше активен по својата страна, шутираше но одбрани голманот на Шкупи. Стоимов влезе на местото на Ибраим. Црвено-црните за само две минути имаа добри прили преку Гуџуфи и Каровски, кои бијат со глава, првиот удар заврши во пречката, вториот го одбрани голманот на гостите. Во последната минута од мечот за поубедлива победа, со својот хет-трик се погрижи Бесар Гуџуфи, кој погоди за конечни 4:1. на овој дуел.
Ова беше трета вкупно победа за оваа генерација, а втора во серија.