Ракометната репрезентација на Русија ја забележа и втората победа во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во 2020 година. Во неизвесен меч, избраниците на Кокшаров и Периќ беа подобри од репрезентацијата на Словачка , совладувајќи ја минимално со резултат 21:22.
Само еднаш во првото полувреме, гостинската селекција на Русија имаше предност (2:3), по што следеше серија на Словаците од 3:0 за да ја превземат предноста која беше во нивна корист до истекот на првите 30 минути. Во два наврати Словачка имаше највисоко водство од три гола разлика, додека Русија намали и на еден гол во еден момент од мечот. Сепак на полувреме, домаќинот замина со предност од два гола разлика (12:10).
Намали Русија на стартот на вториот дел на 12:11, но Словачка постигна два последователни голови и зголеми на 14:11. Беше и 15:12, но избраниците на Кокшаров со серија од 1:4 успеваат после подолго време да го израмнат резултатот на 16:16. Следеше неефикасен период на двете страни, во кој подобро се снајде Русија. Се играше гол за гол на двете страни, а Русија се покажа како поприсебна во финишот од дуелот. На крајот минимална победа за Русија со резултат 21:22.
Повеќе од половина погодоци за Русија беа дело на вардаровото десно крило, Данил Шишкарев, кој успеа да постигне дури 13 голови. Дибиров беше стрелец на 3 гола, додека Кисељев и Калараш го завршија мечот без погодок.