Помладите пионери на ФК Вардар успеаа да слават во градското дерби против екипата на Работнички. Утрово на теренот на Академијата нашите млади надежи со пресврт во вториот дел го победија противникот и славеа со резултат 2:1.
Тренерот Деспотовски стартуваше со следниве 11-сетмина: Стојковски, Јовановски, Ѓорѓоски, Давков, Сељанац, Алими, Давидовски (c), Стојчевски, Живков, Мирков, Стојановски.
Првиот директен удар кон еден од головите го имаше тимот на Работнички, кој заврши над нашиот гол, додека Вардар врати преку Харун Алими кој шутира, но само во рацете на добро поставениот противнички голман. Првата поконкретна прилика ја имаше нашиот состав, кога од некаде 30.метри ос слободен удар се обиде Антони Мирков кој биеше опасно, но топката заврши покрај голот. Принудна замена направи Вардар, поради повреда играта ја напушти Мирков, на негово место е Лео Андрески.
Се играше цврсто на средината на теренот, немаше многу фудбалска убавина и двете екипи беа претпазливи во своите обиди. Сепак Работники е екипата која успеа да го отвори резултатот и тоа со евро гол од преку 35.метри еден од нивните играчи бие силно, топката заврши во нашата мрежа, Стојковски иако се обиде да интервенира не успеа да спречи негатива за својот тим. Уште еден обид имаше гостинскиот тим, додека кај Вардар се обиде Давков, но одбрани голманот. До крајот на првиот дел видовме уште еден удар на противникот, но одбрани Стојковски. Вардар речиси и да немаше ниту една сериозна прилика за погодок, на полувреме, екипата на Работнички има предност од 0:1.
Многу поинаков, поборбен и поконкретен Вардар видовме во вториот дел од мечот, кога и направивме целосен резултатски пресврт. Гостинската екипа целосно падна во второто полувреме и немаше сили 80 минути да се носи со екипата на Вардар. Сепак Работнички го имаше првиот директен удар во вториот дел, но тоа беше се што успеаа да сторат во вторите 40 минути. Вардар успева брзо во вториот дел да ја анулира негативата и да израмни на 1:1 со голот на Георг Стојановски и тоа на нафрлена топка од прекин, во противничкиот шеснаесетник најдобро се снајде Стојановски кој со глава бие прецизно. Овој гол ни донесе дополнителна сила и мотив да го добиеме денешното градско дерби. Избраниците на Деспотовски тргнаа фуриозно, очигледно беше поголема желба кај Вардар да слави на овој натпревар. Повторно при една мешаница во противничкиот шеснаесетник, најдобро се снајдоа вардаровите играчи.
Најпрво биеше Стојановски, голманот одбрани, но одбиената топка стигна до Славче Живков, кој од непосредна близина го погоди противничкиот гол, за голема радост на вардарци, кои направија пресврт и поведоа со 2:1. До крајот на натпреварот не видовме поголема прилика за гол, иако Вардар беше поконкретен и воопшто не помисли да се повлече на својата половина. За одбележување се по еден удар на Стојановски и противникот, кои голманите успешно ги одбранија. На крајот победа за Вардар од 2:1.
Со овој триумф се израмнивме на табелата со по 26 освоени бодови со екипата на Работнички, со која ќе го делиме првото место. Во последното есенско коло, црвено-црните ќе гостуваат на екипата на Академија Пандев.