Ракометарите на Вардар стигнаа до десеттата победа во СЕХА-лигата, откако вечерва во С.Ц. Јане Сандански ја совладавме екипата на Татран Прешов.
Интересно во текот на целото прво полувреме гледавме игра гол за гол на двете страни и ниту една од екипите немаше поголема предност од еден гол разлика. Гледавме цврста игра од страна на двата тима, кои ја посакуваа победата.
Откако во 25 минути, гостите од Словачка имаа водство од 8:9, до крајот на првиот дел, црвено-црните постигнаа два последователни голови, а на противникот не му дозволија да ја затресе нашата мрежа, па така на одмор од десеттина минути се замина со минимално водство на Вардар од 10:9. Најзабележителен во нашиот состав во првите 30 минути беше голманот Дејан Милосављев кој имаше 6 одбрани, додека Дисингер постигна 3 голови.
На стартот на вториот дел со вториот гол на Владо Недановски за прв пат Вардар имаше позитива од два гола (11:9) а во 35 минута со погодокот на Стоилов имавме највисоко водство од 13:10. Сепак кратко траеше нашата предност, дозволувајќи му на Татран да направи серија од 0:3 и во 39 минута да го израмни повторно резултатот на 13:13. Во следниот период гледавме минути на двете екипи. Најпрво Вардар со головите на Стоилов и Карачиќ зголеми на 15:13, за повторно гостинскиот тим да постигне два гола во серија и да израмни на 15:15.
До овој период гледавме израмнета игра, во која ниту една од екипите резултатски не се одлепи посериозно. Заигравме поцврсто во одбраната, на голот Милосављев стигна до двоцифрен број на одбранети удари што го искористија неговите соиграчи за да направат серија од 3:0 и во 51 минута да поведат со 20:17. Ове беа моменти кога се “кршеше“ резултатот и се одлучуваше победникот на овој дерби меч од СЕХА-лигата, истовремено Милосављев ја забележа и својата 11 успешна интервенција. Какви две одбрани во серија за нашиот голман, за жал топката остана кај играчите на Татран кои постигнуваат гол и намалуваат на 22:20. Сепак вардарци до крајот ја задржаа концетрацијата и славеа победа со резултат 23:21.
Милосављев одличен на голот со 13 одбрани, додека најефикасен беше Карачиќ со 6 голови. Во последниот меч за оваа година гостуваме кај екипата на Стеауа.