Како што ви ветивме ви носиме нов дел од големата историја на С.Д. Вардар, поточно со неговиот атлетски клуб. На почетокот голема благодарност до авторот кој е долгогодишен атлетски работник и член на АК Вардар. Станува збор за проф. Мирослав Бошковиќ, кој својте пензионерски денови ги подреди на тоа да создава “мемоари“ за Вардар кој ќе беше жално ако не се запишани и објавени. По подолг период пред 10 дена имавме една негова статија, а денес повторно ги користиме неговите неисцрпни податоци. Очекувајте продолжение со наредните периоди на нови делови од истиот автор на нашиот сајт за историјата на клубот.
Во долгата историја на АК “Вардар”, Сотир Гавриловски е секако еден од неговите најуспешни атлетичари. Благодарејќи на новите содржини кои ги добив од нашите прославени атлетичари, Тасевски Зоран и Буцевски Милош, за кои имавме прилика пооделно да се осврнеме, сега сме во состојба нешто повеќе да се задржиме и на големиот Сотир Гавриловски, едно од најуспешните имиња во македонската атлетика.
По доаѓањето од Прилеп во Скопје, непосредно по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, Гавриловски се приклучува кон екипата на АК “Bардар”. Како ученик во Женската гимназија, Гавриловски брзо се истакна како глем талент пред кого стоеше успешна атлетска кариера. За почетокот на неговата кариера, големи заслуги има и неговиот професор физичко воспитување Петар Алексовски Пепо.
Во тие години, на средни и долги патеки домонираа дваица извонредни атлетичари на АК “Работнички”, Зоран Михајлов и Љубиша Трбоевски. Но,во првата половина на 60-те години, на атлетската патека се појавува еден средношколец, кој наскоро ќе го презеде приматот на средните и долгите патеки во Македонија. Уште на почетокот на својата атлетска кариера, покрај својот талент, до израз доаѓаше и неговата борбеност, како и извонредниот финиш, на кој не можеа да му се спротивстават и далеку поискусните атлетичари.
Како јуниор,во 1964 година, Сотир Гавриловски се наметна како неприкосновена личност на средни патеки. Беше победник на многу домашни и меѓународни натпревари. Во тоа време , на 800 метри, поставува нов јуниорски рекорд со резултат 1:59,2 . Во 1966 година, овој рекорд ќе биде израмнет од Јанко Јакимовски, атлетичар на АК “Работнички”. Јуниорски рекордер на Македонија беше и на 2000 метри со резултат 5:45,0. Во изборот за 10 најдобри спортисти на Македонија за 1964 година, од редакцијата на весникот “Нова Македонија”, Сотир Гавриловски го освои 10 место, со што влезе меѓу најуспешните спортисти на Македонија.
Покрај успесите на патеката, Гавриловски редеше победи и на кросевите, уличните трки, меѓународните митинзи и сл. Особено успешна година за Сотир Гавриловски беше 1966. На атлетскиот митинг во Скопје, на 2000 метри постави сениорски рекорд. Тој патеката ја мина за 5:34,0 , за 10 секунди подобро од дотогашниот рекорд на Илиќ. Подобар од дотогашниот рекорд беше и Ристо Павлов, исто така од Вардар. Во истата трка, младинецот на Вардар, Љупчо Апостолски, постави нов младински рекорд на Македонија. Гавриловски настапи и во трката на 1000 метри, во која исто така постави нов рекорд со време 2:31,2 . Нов младински рекорд во истата трка постави Љупчо Апостолски со време 2:34,4 .
Во развојот на кариерата на Гавриловски, значаен настан претставуваше доаѓањето во АК “Bардар” на познатиот бугарски репрезентативец и атлетски тренер, Ѓорѓи Нечев. Во тоа време , управата на клубот под водство на Тошко Апостолски и Ташко Филиповски, имаше големи амбиции во прераснувањето на клубот во еден современ и афирмиран колектив, чија цел беше не само да биде најдобар во Македонија, туку и надвор од нејзините граници. Советите кои ги добиваше од овој врвен тренер, ќе му помогнат на Гавриловски во остварување на уште подобри резултати не само во Македонија, туку и на југословенски и меѓународен план.
Покрај овој рекорд, по неколку дена, на митингот во Скопје, на двомечот меѓу најдобрите атлетичар на скопски Вардар и репрезентацијата на бугарските градови Ќустендил и Станке Димитров , Гавриловски постави два рекорда. Во трката на 800 метри успеа да го собори десетина години стариот рекорд на Лазо Милошевски, со резултат 1:57,0, побрзо за 1,6 сек. Во втората трка, на 1500 метри, Гавриловски се претстави во сиот свој сјај и уште еднаш покажа дека е најдобар Македонец и единствен кој може рамноправно да се бори со југословенските асови.Тој и во оваа трка победи со време 3:57,0 , што претставуваше дотогаш најдобар разултат во Македонија. Иако , против себе го имаше балканскиот првак Балабанов, во асистенција на својот клупски другар Апостолски, Гавриловски се наоѓаше цело време од трката на челната позиција и во целта влезе прв со голема предност пред бугарскиот шампион.
Во 1966 година, поставува нов македонски рекорд и на 3000 метри. Рекордната трка ја има истрчано за 8:22,2 , што за тоа време претставуваше феноменален резултат, каков се нема постигнато во историјата на оваа дисциплина во Македонија.
1967 година беше особено успешна за Сотир Гавриловски. Тогаш постави нови републички рекорди на 800, 1500, 2000 и 3000 метри. Во Купот на Југославија, во трката на 3000 метри го освои одличното трето место. На Средбата на солидарноста беше втор на 800 метри, зад репрезентативецот Милошевиќ, втор на 1500 метри, зад Унгарецот Наѓ. Победи и на Меморијалот на Лазо Милошевски на 1500 метри. Забележителен успех постигна и со победата на ноќната трка во Приштина. На ноќната трка во Скопје беше втор, додека на атлетскиот двомеч Скопје-Пловдив, уверливо го освои првото место на 1500 метри.
Како универзален тркач, кога се носеа драгоцени бодови за клубот, Гавриловски често настапуваше и во штафетата 4х400 метри. Овие трки му овозможуваа да ја подобрува брзината, особено потребна за трките на 800, 1000 и 1500 метри. На фотографијата подолу, можеме да го забележиме Гавриловски, кој прв ја предава штафетата на својот клупски другар, во тоа време рекордерот на Македонија на 400 метри, Милош Буцевски.
Покрај својот раскошен талент, Гавриловски Сотир имаше и работни навики и професионален однос кон тренингот. Секојдневно тренираше два пати, при што претпладне имаше редовно истрчавање, додека попладне работеше на главниот тренинг. Во споредба со сегашните услови во кои атлетичарите тренираат, Гавриловски имаше поповолни можности да се развива како врвен атлетичар. Во секое време на располагање имаше соблекувална со топла вода, чај и загреана просторија.
Во тоа време, политиката на АК “Вардар” беше фокусирана како кон квантитетот, така и кон квалитетните атлетичари. Од оваа дистанца можеби звучи нестварно, но во тоа време постоеа клупски норми за секоја атлетска дисциплина. Секој атлетичар кој ќе ја исполнил нормата, во наредната година примал паричен надомест од клубот. Бидејќи успеваше да исполни повеќе норми, тој беше и финансиски стимулиран.
Покрај тренинзите во Скопје, Гавриловски често одеше на подготовки во Бугарија. Таму тренираше во познатите кампови во кои претстојуваа најпознатите бугарски репрезентативци. Со тоа, покрај извонредните услови за работа, секогаш покрај себе имаше врвни спаринг партнери, со кои тренираше, а во исто време имаше прекрасни пријатели.
Успесите во 1967 година, на Сотир Гавриловски му донесоа две големи признанија. Беше прогласен за најдобар атлетичар во Македонија за 1967 година, пред неговите најголеми конкуренти на средни и долги патеки од АК “Работнички”, Јанко Јакимовски и Љубиша Трбоевски. На ноќната трка во Приштина, на стартот се најдоа двајца најдобри македонски претставници на уличните трки: прославениот Љубиша Трбоевски и младиот Сотир Гавриловски. Во оваа директна пресметка меѓу македонските асови, Гавриловски извојува сигурна победа пред Трбоевски.
Врвните резултати постигнати во 1967 година, повторно го донесоа Гавриловски на листата на 10 најуспешни спортисти на Македонија. На оваа листа го освои 3 место, веднаш зад борачот Борче Димовски од БК “Вардар” и фудбалерот Драган Мутибариќ од ФК “Вардар”. Пласманот на овие троица спортисти, ја потврдува супериорноста не само на клубовите, туку и воопшто на СД “Вардар” во рамките на македонскиот спорт во целост.
Иако цела 1968 година трчаше со повредени лигаменти, Гавриловски без конкуренција беше најуспешен македонски тркач на среодните патеки и на 5000 метри. Тој беше втор Македонец, по Љубиша Трбоевски, кој успеал да трча на 5000 метри под 15 минути. Со својот резултат на 5000 метри, се пласира меѓу 6 најдобри Југословени во оваа дисциплина.
Во 1969 година, во дисциплината 800 метри, го подобри македонскиот рекорд со време 1:54,3 . Со тоа, практично, во сите дисциплини од 800 до 10000 метри, Сотир Гавриловски беше сопственик на македонските рекорди. Иако поретко настапуваше во трките на долги патеки, кога се работеше за интересите на клубот, никогаш не одбиваше да настапи и во тие дисциплини. Редовно настапуваше на републичкиот крос, на 12000 метри. И покрај тоа што АК “Работнички” ги имаше во своите редови извонредните долгопругаши Љубиша Трбоевски и Јован Левков, Гавриловски во 1969 година успеа убедливо да ги победи на републиќкиот крос, со што ја потврди својата супериорност во Македонија.
На 22.06.1970 година, во Белград, Сотир Гавриловски, во својата најомилена дисциплина, 1500 метри, истрча извонреден резултат од 3:46,6 , со што се наметна како еден од водечките атлетичари во оваа дисциплина во екс Југославија . Треба да нагласиме дека во тоа време во оваа дисциплина настапуваа најголемите асови на југословенската атлетика: Симо Важиќ, Иван Јокиќ, Драго Жунтар, Владан Ѓорѓевиќ, Јоже Меѓимурец, Бошко Божиновиќ, Панта Максимовиќ, Миодраг Вукомановиќ и др. Наскоро, како високо призание за Сотир, дојде поканата од сојузниот селектор Крешимир Рачиќ за настап во југословенската сениорска репрезентација, во Сиена, Италија.
Врвните резултати постигнати во 1970 година, по трет го доведоа Гавриловски меѓу 10 најуспешни спортисти на Македонија. На таа ранг листа, Гавриловски го освои 10 место.
А во тие години, Гавриловски со успех учествуваше на голем број кросеви, ноќни трки, митинзи и др. Никогаш не се предаваше. Се сеќавам, кога пред ноќната улична трка по повод ослободувањето на Скопје, 13 ноември, го повреди глуждот на едната нога. Чувствуваше големи болки, а ногата му беше отечена. Тоа се случи на само три дена пред трката. Сите бевме изненадени кога го видовме на стартот на трката. Онака, сеуште неопоравен, Гавриловски влезе во дуел со останатите конкуренти, и трката ја заврши на првото место.
Учеството на маморијалот “Лазо Милошевски” значеше вистински предизвк за Гавриловски. Секогаш беше меѓу водечките, но вистинскиот настан се случуваше во последните стотина метри, кога доаѓаше до израз неговиот фуриозен финиш кој ја креваше на нозе скопската публика на јужната трибина. Гледајќи го него, чувствував дека резултатот во трката не му е приоритет, туку неговиот пласман. Никогаш не губеше од домашните конкуренти. Но, кон крајот на 1969 година се случи нешто непредвидено за овој атлетичар. Се трчаше 800 метри. Трката ја водеше Живко Грабуловски од АК “3 ноември” од Прилеп. Дојдоа задните 200 метри, а Гавриловски ништо не преземаше. Влегоа во последните 100 метри. Во тој незаборавен финиш, Грабуловски не дозволи да биде победен, и за неколку десетнинки, успеа да ја добие оваа трка. Тоа беше и првиот пораз на легендарниот Сотир пред љубителите на атлетиката во Скопје. Сепак, ова беше само една епизода од неговата богата кариера.
Веројатно, младите атлетичари ги интересира како изгледаа тернинзите на Сотир Гавриловски. Зимските тренинзи обично беа надвор од стадионот и се состоеа од 15-20 километри. Ретко тренираше сам. Секогаш покрај него тренираа по неколку негови клупски другари. Не дозволуваше да се трча брзо, туку практикуваше 5 минути за 1 колометар. На крајот од тренингот, правеше разновидни вежби. Тренинзите на патеката беа нешто друго. Секоја делница ја започнуваше побавно, но трчаше со прогресивно темпо, за да финишот му биде секогаш максимален. Често одешена подготовки во Бугарија, каде тренираше со најпознатите бугарски средноппругаши, а најчесто со извонредниот Злате Влчев. Никогаш не сум го забележал дека е оптоварен од трема. Добивав впечаток, дека најголема инспирација добиваше кога имаше најсилна конкуренција.
По завршувањето на атлетската кариера, поранешните атлтичари често играа мал фудбал. Гавриловски беше меѓу најредовните. Во 1973 година, дефинитивно ја заврши својата атлетска кариера. И, исто како во атлетиката, така и во фудбалот пристапуваше крајно сериозно. Се бореше за секоја топка, а тоа го бараше и од другите соиграчи. Се љутеше кога некој не се залага доволно. Неговата победничка енергија ја пренесуваше на останатите соиграчи во тимот. Заправо, неговите резултати не произлегуваа само од неговите подготовки, туку и од неговиот карактер и победничкиот менталитет.
По отслужувањето на воениот рок во Белград, Гавриловски се вработи во хотел “Kонтинентал” во Скопје. Како и во спортот, и на своето работно место секогаш беше крајно професионален. Елегантен и комуникативен, покрај многубројните пријатели од спортот, постојано стекнуваше и многу деловни пријатели. Секогаш настојуваше работните обврски да ги доведе до перфекција. Покрај тоа, подоцна работеше и на други работни места како претставник на познатите компании. Постојано настојуваше да стекне нови знаења. Затоа, покрај дружењето, посветуваше големо внимание на усвојување нови знаења, при што доста читаше. Како постар од мене, несебично ми даваше совети несамо од атлетиката, туку и од секојдневниотивот живот. А она што би ги интересирало сите оние кои не го познаваа, Сотир беше мошне скромен како човек. Никогаш немаше обичај да зборува за своите успеси во спортот. Не се одделуваше од останатите. Едноставно, неговиот главен приоритет е постојано да работи и постојано да се докажува. Не сакаше да живее на стара слава.
Во почетокот на 90-те години, Сотир Гавриловски помалку доаѓаше на Градскиот стадион. Многубројните обврски на работното место не му дозволуваа премногу да се одалечува од својата фирма. Во пролетта 1994 година, ја дознавме веста за неговата тешка болест. Се надевавме дека и овој пат ќе излезе како победник. За жал, подмолната болест од ден на ден се повеќе го слабееше неговиот организам. Наскоро, засекогаш не напушти. Македонската атлетика загуби врвен спортист, а ние извонреден другар.
Пишува> проф. Мирослав Бошковиќ