Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Металург 2 го доби младинското ракометно дерби против Вардар Јуниор
Металург 2 го доби младинското ракометно дерби против Вардар Јуниор

Металург 2 го доби младинското ракометно дерби против Вардар Јуниор

Младинците на Вардар Јуниор со пораз го стартуваа пролетниот дел од младинската ракометна лига, откако денес во спортската сала во населбата Автокоманда беа поразени во дербито од екипата на Металург 2.

Во првите пет минути гледавме игра гол за гол, до моментот кога црвено-црните постигнаа три последователни голови и поведоа за прв пат на мечот со два гола разлика (4:6). Сепак домашниот тим брзо се врати во игра и со серија од 4:0 направи резултатски пресврт и поведе со 8:6. Голем број на погодоци видовме во првото полувреме, се играше брзо и на двете страни. Вардар Јуниор не се предаваше и во 18 минута од мечот го израмни резултатот на 12:12. Сепак Металург ја направи најголемата серија во првиот дел од пет последователни голови за да стигне до највисоко водство од 17:12. Избраниците на Манасков и Петрушевски намалија на 19:16, но на полувреме, противникот замина со предност од 20:17.

На стартот на вториот дел, Вардар Јуниор стигна до два гола негатива, но брзо одговори Металург кога повторно стигна до серија од 5:0 и зголеми на највисоки 26:19. Немаше сили нашиот состав да се врати во игра, на моменти успеваше да намали до пет гола негатива, но Металург не дозволи неизвесна завршница. имаа контрола на резултатот и на крајот заслужено славеа со резултат 36:29.

Кај Вардар најефикасен беше леворакиот играч, Ален Ќосевски кој постигна 7 голови, додека него го следеа средниот бек, Стефан Крстевски и пикерот Стефан Атанасовки кои постигнаа по  6 голови. Во листата на стрелци се запишаа уште и Дејан Кукуловски со 5 гола, бековите Мартин Карапалевски и Игор Ѓорѓиев погодија по два пати, додека еден гол беше дело на Александар Нанов.

На спротивната страна кај победникот се истакна репрезентативецот, Мартин Серафимов кој постигна 8 голови, исто толку имаше и Дарко Кондев.

Со овој пораз, вкупно трет ги намаливме шансите за пласман на завршниот турнир во младинската лига. Доколку и РШ КЛ-7 издвојува победа во 8.коло против Бутел, тогаш тие и Металуг ќе имаат 7 бодови повеќе од Вардар Јуниор на табелата, па црвено-црните ќе имаат “невозможна мисија„ за пласман на Ф4.