После шест месеци пауза на теренот се врати „надежното“ лево крило во редовите на Вардар Јуниор. Се работи за Стефан Чакалиќ кој на крајот од минатата сезона мораше да замине на операција, поради скинати лигаменти. Цели шест месеци траеше периодот на рехабилитација, а првиот натпревар после повредата, Чакалиќ го имаше изминатиов викенд, кога настапи за Вардар Јуниор на натпревар од младинската лига. Не само што се врати на теренот, туку левото крило успеа да постигне и три гола за составот кој го предводат Петрушевски и Манасков.
Нашиот медиум го исконтактира Чакалиќ кој истакна дека ова бил напорен период за него, но изрази голема благодарност до клубот, кој му излегол во пресрет за операцијата и му ги овозможил сите потребни услови за брзо оздравување.
-Оперативниот зафат беше успешно извршен во болницата “Аџибадем Систина од страна на докторот Ивановски. Рехабилацијата помина добро, ми беа потребни шест месеци напорна работа и труд за да се вратам на терените. Морам да искажам голема благодарност до мојот клуб Вардар, до Марија Лојаница и мојот тренер Стојан Петрушевски, кои имаат голем удел и значење за моето опоравување, кои изминатиов период беа заедно со мене и ми ги обезбедија сите неопходни услови за рехабилитација.
Стефан се надева дека бргу ќе ја врати вистинската форма и дека ќе помогне на својот тим, во остварување на што подобар пласман во Супер Лигата.
-Се надевам дека нема да ми треба многу време за да ја достигнам посакуваната форма и да се вклопам во екипата. Натпреварот против Прилеп во неделата беше прв за мене после повредата, задоволен сум од мојата игра и настап, но може и подобро. Секако треба претпазливост и време, но јас ќе се трудам да го дадам најдоброто од себе и да и помогнам на мојата екипа во остварување на подобри резултати во Супер Лигата.
Стефан Чакалиќ е голем ракометен талент кој ги има поминато сите младински екипи на ракометниот клуб Вардар. Беше дел од првата ракометна Лига една сезона, кога предводник му беше Зоран Петковски. Во најсилната Супер лига ја игра својата втора сезона под водство на Стојан Петрушевски.
Звонко Ивановски