ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „СПОРТСКИ СТОРИИ: ЗАПИСИ, НАСТАНИ И СЕЌАВАЊА„
ОД ЗОРАН МИХАЈЛОВ
Со особено внимание и радост ја проследив промоцијата на книгата ,,Спортски стории: записи, настани и сеќавања,, од нашиот доајен на македонското новинарство, спортски работник и поранешен југословенски атлетски репрезентативец и македонски рекордер Зоран Михајлов. Овој настан се одржа во салата за конференции во СЦ ,,Борис Трајковски,, , во присуство на голем број врвни македонски спортисти и освојувачи на олимписки медали, врвните тренери , како и многубројни новинари, општествени работници и љубители на спортот. Зад овој труд стои издавачката куќа ,,Арс Либрис,, , дел од ,,Арс Ламина – публикации,,.
Во оваа книга, легендарниот спортски коментатор сведочи за важни спортски, но и историски моменти. Се сеќава на најзначајните личности, натпревари, олимпијади и првенства ширум светот, што ги следи како новинар-коментатор во својата 55-годишна кариера.
Тој е редовен посетител на летните и зимските Олимписки игри во последните четириесетина години, како и на сите позначајни атлетски, пливачки и боречки манифестации. Во коментаторската кариера Михајлов е рекордер во коментирање и известување од најголемиот спортски настан на светот – олимпијадата. Тој присуствува на 15 олимпијади (9 летни и 6 зимски), и притоа ги афирмира настапите на македонските спортисти и ја информира македонската јавност за тамошните случувања.
Зенитот на својата медиумска кариера го достигнува во Македонската радио-телевизија (МРТ), каде што е еден од новинарите што ги поставуваат темелите на спортското коментаторство во нашата земја. По пензионирањето, не мирува: ја уредува и ја води емисијата „Македонски спортски легенди “ на „Наша ТВ“, редовно објавува колумни во дневниот весник „Нова Македонија“, пишува за порталот „Улица.мк“ и подготвува нов проект на „Радио РФМ“.
Малкумина знаат дека Михајлов во младоста бил одличен атлетичар, државен рекордер и првак на Македонија и на поранешна СФР Југославија. Истовремено бил и активен кошаркар.
За техничкото обликување на книгата зборуваше уредничката Бисера Бендевска. Писателот Владимир Плавевски зборуваше за идејата за печатење на овој труд. Уредикот на спортската редакција на весникот ,,Нова Македонија,, , Горан Манчевски зборуваше за новинарската дејност на Михајлов, како еден од втемелувачите на спортското коментаторство во нашата земја.
Потоа се обрати авторот на книгата Зоран Михајлов, кој се осврна на најзначајните настани и успеси на македонските спортисти, на олимписките игри (9 летни и 6 зимски), светските и европските првенства, Медитеранските игри, Балканските игри и др. Во еден емотивен настап, зборуваше за освојувачите на олимписките медали, настаните на ОИ во Минхен 1972 година, далечните континенти и земји од кои известувал, како и голготите во доживувал во текот на долгите патувања.
Протоколарниот дел од промоцијата го дополни и единствениот освојувач на златен медал на Олимписките игри, Шабан Трстена, кој го нагласи огромниот ентузијазам, љубовта и енергијата на авторот, во обавувањето на своите професионални задачи.
Во вториот дел на настанот, беше прикажан документарен филм, во кој за новинарската и спортската дејност на Михајлов зборуваа претседателот на МОК, Васил Тупурковски, како и неговите колеги: Атанас Костовски, Бошко Трпевски и Мирослав Наумовски.
Книгата ,,Спортски стории: записи, настани и сеќавања,, печатена на 350 страни, претставува своевидна мемоарска литература, во која доајенот на македонското новинарство се сеќава на најзначајните личности, натпревари, олимпијади и светски и европски првенства, што ги следел како новинар во текот на својата 55-годишната кариера во весникот „Нова Македонија„ и МТВ. Во овие мемоари не потсетува на освојувачите на олимписките медали на Видиниќ, Георгиевски, Русевски, Сејдиу, Вангеловска, Реџеповски, Трстена, М. Ѓуровски, Салиху, Ибрагимов и најуспешниот македонски параолимпиец Јовановски.
Значаен простор во книгата, Михајлов им посветува на врвните македонски тренери во повеќе спортови: Лазар Лечиќ, Славко Матовски, Ристо Таков, Илеш Шпиц, Стјепан Бобек, Вукашин Вишњевац, Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски и др.
Еден дел од книгата, авторот им посветува на врвните шаховски имиња во светот: Борис Спаски, Михаил Таљ, Боби Фишер, и домашните шахисти Јован Софревски и Ристо Ничевски.
Зоран Михајлов го познавам 50 години. Беше атлетичар на АК „Работички„ и младински првак на поранешна Југославија. Повееќе години беше рекордер на Македонија на 1500 метри со пречки. Тоа беше периодот на спортското ривалство меѓу Вардар и Работнички, кога атлетичарите од двата клуба ги даваа и последните атоми на својата снага за дојдат до екипниот победник на Македонија.
Но, за помладата генерација на Вардар, ќе биде интересно да се истакне дека Зоран Михајлов извесно време работеше и во СД „Вардар„. Имено, во почетокот на 80-те години, тој за извесно време ја напушта МТВ, и ја прифати понудата да ја обавува функцијата генерален секретар на ФК „Вардар„ , во перидот кога екипата постигнуваше врвни резултати на домашен и меѓународен план, предводена од извонредниот стратег Вукашин Вишњевац.
За сите постигнувања во спортот и во новинарството добитник е на повеќе награди и признанија. Меѓу другото, добитник е и на државната награда „8 Септември“ и наградата на Град Скопје, „13 Ноември“. Михајлов се вбројува меѓу 50-те најистакнати атлетски новинари и коментатори во светот, што ја добиваат наградата од АИПС (Светска асоцијација на спортските новинари) за професионално информирање, како и за афирмација на атлетскиот спорт.
На крајот од ова спортско дружење, Михајлов ни ја соопшти желбата која наскоро планира да ја реализира: да напише лексикон за 50 најдобри спортисти во историјата на македонскиот спорт . Му посакуваме успех и во овој спортски проект.
Пишува професор: Мирослав Бошковиќ