Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > Милосављев: Дадовме максимум и победивме, се надевам дека во сабота ќе го добиеме Монпелје и ќе завршиме на второто место во групата
Милосављев: Дадовме максимум и победивме, се надевам дека во сабота ќе го добиеме Монпелје и ќе завршиме на второто место во групата

Милосављев: Дадовме максимум и победивме, се надевам дека во сабота ќе го добиеме Монпелје и ќе завршиме на второто место во групата

Дербито од 15.коло на СЕХА-лигата е за тимот на Вардар, кој во С.Ц. Јане Сандански излезе како победник во дуелот со ППД Загреб. И двете екипи приредија квалитетен и до крајот возбудлив натпревар, но Вардар беше тимот кој беше посконцентриран во финишот. На овој меч како стартер на голот беше Гедбан, кој имаше 10 одбрани, додека 25 минути на голот беше и Милосављев, кој запиша вкупно 3 одбрани. Српскиот чувар на мрежата на Вардар ги сподели впечатоците од овој интересен меч.

-Да му честитам на тимот на ППД Загреб за фер и коректната игра, исто така и на мојот тим што играше до крајот борбено.  Не дозволивме да се осети во нашата игра отсуството на некои од играчите. Мислам дека дадовме максимум, победивме со два гола, можеше да биде и со повеќе разлика, а можеше и да биде уште понеизвесно до самиот крај. На почетокот губивме 1-5, Калифа бранеше одлично и ни овозможи да го стигнеме резултатот. Во второто полувреме, Кристопанс и Карачиќ го понесоа товарот во нападот и одработија тоа што се бараше од нив. Среќен сум што победивме , со оглед дека го загубивме првиот меч оваа сезона од екипата на Загреб. Се надевам дека ќе ја продолжиме серијата на победи во СЕХА-лигата, истакна Милосављев.

Нема многу одмор за Вардар, кој веќе во сабота го очекува меч од последното коло во групната фаза на ЛШ. Во Скопје гостува екипата на Монпелје, а популарниот „банда“ се надева на победа за неговиот тим и можноста да се освои второто место во групата.

-Уште од понеделникот се подготвуваме за мечот со Монпелје, тој натпревар е многу важен за нас. Ако победиме можеме да завршиме на второто место, но зависиме и од Веспрем кој треба да одигра меч во Полска. Ќе дадеме се од себе во сабота, со оглед дека после тоа имаме одреден период за одмор. Се надевам дека ќе имаме среќа да завршиме на второто место во групата и да добиеме полесен противник во осминафиналето.