Вардар со втор последователен пораз во СЕХА-лигата, откако вечерва загуби од екипата на Нексе.
На првиот гол Нексе чекаше пет минути, додека својот втор гол го постигна дури во 10.минута од мечот за да намали на 2:4, откако претходно Вардар влезе во серија од три последователни голови, од кои два беа дело на Фереира и еден на Чупиќ. Милосављев добро започна на голот, одбрани два удари на противникот и веднаш ја нарави разликата на семафорот. Домашниот тим успеа во 17.минута од мечот да го донесе и второто израмнување (6:6), кое беше последно во првото полувреме. Благодарение на головите на Чупиќ од седум метри и на Дибиров, повторно избраниците на Парондо имаа два гола предност. Домаќинот пружаше силен отпор, на пет минути пред истекот на првото полувреме стигна до еден гол негатива 9:10, но Вардарци за три минути постигнаа набрзина три погодоци и во 28 минута за прв пат имаа водство од четири гола разлика (9:13). Шанса во одбраната доби и Дејан Кукуловски, кој одлично ги одработи минутите кои му ги додели тренерот Парондо. Нексе намали на 11:13, но Вардар преку Кристопанс зголеми на 11:14, резултат кој беше актуелен на полувреме, иако имавме и напад од 10 секунди кој не го реализиравме, односно голманот Цар му одбрани удар на Војводиќ во последните секунди. Нашиот чувар на мрежата повторно е блиску да заврши со двоцифрен број на одбранети удари, откако по првото полувреме имаше 7 успешни интервенции.
Во вториот дел на десната крилна позиција шанса доби Мартин Поповски, кој набрзина го постигна својот втор гол, со кој Вардар за прв пат стигна и до четири гола разлика (14:18) во 39 минута од натпреварот. Сепак Нексе постигна два гола, а можеше лесно да стигне и до еден гол негатива, но Милосављев одбрани зицер удар. Нашиот состав влезе во лош период од шест минути без гол, а чиста ситуација не успеа да реализира Кисељев, па на семафорот се уште стоеше 16:18, а Војводиќ беше играчот кој ја прекина лошата серија. Благодарение на деветтата одбрана на Милосављев, го задржавме водството од еден погодок, но Вардар повторно е неефикасен во нападот, а Нексе во 50 минута стигнува до израмнување 20:20. Вардар за 13 минути постигна само два гола, и тука беше причината Нексе да го внесе мечот во неизвесност. Прва предност за Нексе на овој дуел, откако Јагањац погоди за предност од 21:20, а Милосављев брани нов зицер и спречи два гола позитива за противникот, додека неверојатно Вардар е 9 минути без погодок, а Поповски погоди конечно за израмнување. Чудо што само вардаровите играчи не успеаа да реализираат, а Морено Цар е херојот за домаќинот. На крајот Нексе слави победа со резултат 24:21.
Не помогнаа ниту 13 одбрани на Милосављев, додека по 3 гола кај Вардар постигнаа Дибиров, Поповски, Фереира, Чупиќ и Војводиќ.