Пионерите на РК Вардар стигнаа до нова победа во рамките на групата 1 од пионерската лига. Избраниците на Зоран Петковски успеаа да ја победат екипата на Јуниор К.В.
Вардар успеа прв да го отвори резултатот на 1:0 со голот на Христијан Петковски, но гостинскиот тим врати со два гола во серија и поведе со 1:2. На следното наше водство се чекаше до 9.минута од мечот кога за водство од 3:2 погоди Иле Табаков за во следниот напад гол да постигне и Андреј Петрушевски за предност на црвено-црните од 4:2. Со неколку одбрани на нашиот гол се истакна и Никола Спасовски. Истава позитива од два гола (7:5) ја имавме и во 16 минута, но до крајот на првиот дел Вардар направи серија од 5:0 и на полувреме имаше убедлива предност од 12:5. Во овој дел од мечот погодуваа Виктор Трифуновски и Никола Анакиевски.
Во второто полувреме, тренерот Петковски им даде шанса за настап на сите ракометари, а неговиот тим имаше целосна контрола на резултатот и не дозволи никаква неизвесност. Со голот на Матеј Трајановски стигнавме и до највисоки 16:7, додека во 38 минута Христијан Петковски за прв пат донесе и двоцифрена предност од 17:7, по што беше јасно кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар од пионерската лига.
Само за момент гостинската екипа успеа да го намали резултатот на 18:10, но Вардар имаше нова серија од 5:0 кога поведоа со 23:10. Во овој период погодуваа Давид Славевски, Никола Анакиевски и Давид Младеновски за највисоко водство на Вардар. На голот беше Колевски кој исто така забележа одбрана. На крајот конечниот резултат е 24:11 за Вардар.
Иле Табаков и Христијан Петковски постигнаа по 4 голови, додека по 3 беа дело на Виктор Трифуновски и Никола Анакиевски.