Утре на теренот на Академијата, вардаровите генерации 2004 и 2005 ќе го одиграат второто пролетно коло во регионалната скопска лига, во кое ја пречекуваат екипата на Работнички.
Генерацијата 2005 под водство на Зоран Петковски ќе се обиде да стигне до првиот пролетен триумф, откако во минатото коло го доживеа својот прв пораз сезонава. Нашите надежи во победничка атмосфера ќе го дочекаат овој натпреар, со оглед дека славевме голема победа, во рамките на првиот полуфинален меч од купот и тоа на гостувањето кај екипата на Шкендија (0:3). Во есенскиот дел, Вардар славеше на гостувањето кај екипата на Работнички (2:3), градскиот ривал е еден од нашите конкуренти за титулата оваа сезона. Вардар е прв на табелата со три бода повеќе од екипата на Шкупи и пет бодови повеќе од Работнички и Шкендија. Треба да се напомене дека Вардар има натпревар помалку за одигрување од сите споменати конкуренти за трофејот. Утрешниот меч ќе стартува со почеток од 10:00 часот.
Генерацијата 2004 на Петар Георгиевски ќе се обиде да му врати на противникот за поразот во првиот дел од сезоната, кога Работнички славеше минимално со резултат 2:1. Вардарци одлично го стартуваа пролетниот дел, совладувајќи ја во дербито екипата на Шкендија, во Тетово со резултат 1:2 и на тој начин се вратија на првата позиција на табелата. Утрешниот дуел кој стартува од 12:00 часот е дерби на колото со оглед дека се среќаваат прво и второпласираниот на табелата. Со евентуален триумф на Вардар, бодовната разлика ќе се зголеми на пет плус во корист на црвено-црните.