Утрово на теренот на Академијата се одигра градското фудбалско дерби кај генерацијата 2005, во рамките на второто пролетно коло во регионалната-скопска лига. На истото се сретнаа екипите на Вардар и Работнички, а поуспешни беа нашите млади надежи кои славеа триумф со резултат 2:1.
Тренерот Зоран Петковски го стартуваше мечот со следните 11-сетмина: Илиевски, Јакимовски, Кулуковски, Таневски, Ристовски, Спасиќ, Цветков, Јовановски, Лефковски, Величковски (c), Гаштаров.
Вардар ја имаше почетната иницијатива на овој меч, кога имавме два удари кон противничкиот гол, од кои еден опасен на Горјан Цветков, но во двата наврати одбрани противничкиот голман. Се обиде и Спасиќ со глава кој бие над гол, после нафрлена топка од прекин на Гаштаров. Се закани и гостинската екипа од прекин, но одбрани нашиот голман Леонид Илиевски. Иницијативата Вардар ја претвора во гол, кога на голема радост погодува Давор Лефковски, голманот ја закачи топката, но не доволно за таа да не заврши во неговиот гол, тоа значеше и предност за избраниците на Петковски од 1:0.
После примениот гол, Работнички се обидуваше да создаде некоја прилика за израмнување, сепак претежно се играше по средината на теренот, а ние успешно ги затворавме сите приоди кон нашиот гол. Противникот имаше голема прилика речиси во последната минута од првиот дел да го израмни резултатот, но нашиот голман Леонид Илиевски мора да се потенцира дека одбрани стопроцентна шанса на гостинската екипа, па на тој начин му овозможи на својот тим со минимално водство од 1:0 да ги заврши првите 40 минути.
По само пет минути игра во вториот дел, екипата на Работнички успеа да постигне гол и да го израмни резултатот на 1:1. Веднаш реагираше тренерот на Вардар, па направи дури три измени. Во игра влегоа Сековски, Галевски и Коловски, на местото на Лефковски, Јовановски и Ристовски. Гостинот беше поконкретен во овој дел од мечот, вардарци како да изгубија „здив“ сепак се држеа на теренот и не дозволија нов погодок во нивната мрежа. Се обидоа кај нас Цветков кој од прекин бие покрај голот, како и Величковски, но одбрани голманот на Работнички. Нова измена во редовите на Вардар, играта ја напушти Гаштаров, на негово место е Антевски.
Измените што ги направи Петковски дадоа резултат, веднаш се примети поголема раздвиженост на теренот, едноставно „живна„ овој состав на Вардар во последните 20 минути од мечот. Успеавме да го вратиме водството со погодокот на Тино Спасиќ. Во истата акција имаше чист пенал за нас, откако еден од противничките играчи играше со рака во нивниот шеснаесетник, сепак судијата одмавна со раката, во истата акција, топката стигна до Спасиќ кој од нешто помалку од 20 метри биеше, топката заврши во мрежата, за нова предност од 2:1. До крајот на мечот не видовме некоја поголема опасност по двата гола, црвено-црните умешно ги одиграа завршните минути, Работнички имаше еден обид од прекин, но топката оди над нашиот гол. Последна измена кај Вардар, во игра е Уневски, на местото на капитенот Величковски. Немаше повеќе време, главниот судија отсвири крај, за голема радост на вардаровите момчиња, кои успеаа по голема борба да го добијат дербито против тимот на Работнички.