Четврто место за кадетската ракометна репрезентација, која изминатиов период беше дел од силен меѓународен турнир во Бугојно. Во конкуренција на силни европски репрезентации, на крајот Македонија го освои 4.место што дава надеж дека има квалитет за големи остварувања во оваа селекција.
Во борбата за 3.место бевме минимално поразени од селекцијата на Германија, иако во голем дел од мечот избраниците на Брестовац беа во предност. Така беше и во првите пет минути од дуелот кога имавме и водство од 4:2, но дозволивме противникот да направи серија и да ја превзее предноста. До крајот на првиот дел гледавме израмнета игра, па по истекот на првите 30 минути ниту една од репрезентациите не беше во предност, односно резултатот беше израмнет на 11:11.
Добро го отворивме и вториот дел кога по десет минути игра, Македонија стигна и до највисоки четири гола позитива, но од овој момент како да застанавме, имавме пад во играта, што го казнуваа германците. Ја превзедоа предноста, која не дозволија да ја испуштат, па на крајот минимално не победија (23:24).
Повторно на своето ниво и на овој меч беше голманот на Вардар Јуниор, се работи за Андреј Петковски кој натпреварот го заврши со 7 одбрани, додека од вардаровите играчи во листата на стрелци се запишаа Мартин Карапалевски со 2, и Ален Ќосевски со 1 гол.