Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > После освојување на пионерската лига, вардаровите надежи се блиску до пласман на Ф4 турнирот и во кадетската лига
После освојување на пионерската лига, вардаровите надежи се блиску до пласман на Ф4 турнирот и во кадетската лига

После освојување на пионерската лига, вардаровите надежи се блиску до пласман на Ф4 турнирот и во кадетската лига

После освојување на пионерската лига, избраничките на Платон и Папуџиева немаа време за одмор, со оглед дека попладнево гостуваа во Кичево, на екипата на РК Кале, на натпревар од групата 2 во кадетската лига.

Домашниот тим прв успеа да го отвори резултатот, но следеше серија на вардарки од 0:5, па уште на стартот се одлепивме и покажавме дека и на овој меч ќе одиме на победа. Екипата на Кале намали само за момент на 3:6, но црвено-црните беа во полн налет, постигнаа шест голови во серија, па веќе имаа и убедлива предност од 3:12. Противникот заигра подобро до крајот на првиот дел, на три минути пред крајот намали на 12:16, додека вардаровите кадетки по истекот на првите 30 минути имаа водство од 13:18.

Ако постоеше некаква дилема околу тоа кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар, сите нејаснотии беа решени на стартот од второто полувреме, кога Вардар ја направи најголемата серија на овој меч, од неверојатни 0:9, за водството на вардарки да гласи 13:27. Како одминуваше дуелот се повеќе растеше позитивата во наша корист, во еден момент резултатот на семафорот гласеше 17:37. Прашање беше само со кој резултат ќе заврши овој дуел, за конечниот резултат да биде 22:44.

Најголем дел од ракометарките се запишаа во листата на стрелци, додека најефикасна беше Борјана Коцева со 11 голови, додека Мила Пешиќ беше втор стрелец со 7 голови. Ива Ангеловска имаше 6 голови, додека Зорица Андовска 5. Во листата на стрелци се запиша уште и Бојана Коцева и Магдалена Тошевска кои имаа по 4 голови, потоа Сара Стефаноска со 3, Наталија Максимовска со 2 и по 1 гол имаа Александра Коловска и Андреа Миланова.

Ова беше вкупно 9.победа за кадетките на Вардар кои се се поблиску до пласман на завршниот турнир во кадетската лига. Тие со овој дуел се изедначија по бројот на одиграни мечеви со екипите на Алушовски и Макалоски, од кои имаат четири, односно седум бодови повеќе. Сигурен патник на Ф4 во нашата група е екипата на Деспина, а вардарки се исто така блиску до второто место во групата.