Фудбалскиот клуб Вардар попладнево на спортскиот комплекс во населбата „Хиподром“ означи старт на подготовките за новата сезона. Шефот на стручниот штаб, Александар Васоски заедно со неговите помошници, Златко Таневски и Раденко Бојовиќ ја имаа првата прозивка, на која беа присутни голем дел од играчите, кои настапуваа во црвено-црниот дрес во сезоната која измина. На собирот ги немаше Вилијам Лира, Кларенс Битанг, Коста Манев, Леовигилдо Жуниор Реис Родригез и Хуан Фелипе додека присутни беа и играчи од младинската школа на клубот. Голема е можноста и во новата сезона Жуниор да биде дел од клубот, додека под знак прашалник е Битанг. Повратници исто така се играчите кои изминатиов период беа на позајмица во други екипи, се работи за Оливер Дишлиевски и Никола Серафимов.
Редакцијата на Вардар Фанс беше присутна на првиот тренинг, од кој ви донесува фотографии.