Оваа сезона е незаборавна за девојките од ЖКК Вардар. Избраничките на Жаклина Стојановска успеаа да станат шампиони на Македонија совладувајќи го убедливо со 3-0 во финалната серија тимот на тогаш актуелниот повеќекратен шампион, Бадел. Сино-жолтиот тим ни беше “пациент“ во Куп финалето и оваа сезона, третта по ред во ова натпреварување. Со освојување на двојната круна тие ги заслужуваат сите пофалби и честитки за оваа сезона, особено оваа пролет каде беа перфектни.
Дел од овој тим е бекот, Лазарова Емилија, таа три години е дел од ЖКК Вардар, каде се закити со дури четири пехари. Има зад своето име три Куп титули и една лигашка во кои вгради значаен удел. Во продолжение ви носиме изјава со оваа вардарка, која е повремена сениорска репрезентативка и поранешна младинска репрезентативка на црвено-жолтата македонска селекција.
Како започна твојата љубов кон кошарката, кога и како стана дел од црвено-црниот клуб?
Кошарка тренирам од мојата седма година, а дел од ЖКК Вардар сум три години, од почетокот на повторното формирање на женска сениорска екипа на Вардар. Одлуката беше без многу размислување и договарање, најмногу поради фактот што во женската кошаркарска сениорска лига постоеа 5-6 клуба, а создавањето на ЖКК Вардар несомнено беше најсветла точка особено поради до сега најдобрите услови за тренинг во македонската женска кошарка.
Третта година си дел Вардар во неговиот раст, како еден од клучните играчи за три куп и една лигашка титула, како го оценуваш овој период од функционирањето на клубот?
Изминативе три сезони, како дел од Вардар, почнувајќи од соиграчите, управата, тренерите… мислам дека секој со барем делче од себе допринесе за оваа според мене успешна приказна која започна со освојувањето на Купот 2017год., за кој речиси никој не очекуваше дека можеме да го освоиме, а за што беа најзаслужни продуктивно поминатите часови во сала и взаемното залагање на тренерите и играчите. Изминатава сезона, крунисана двојно, за сега е како јаготка на шлагот, но воедно остава и простор да продолжи да се испишуваа оваа успешна приказна на ЖКК Вардар.
Како ја оценуваш изминатата сезона кога дојдовте до пехарите во лигата и Купот во женска кошаркарска конкуренција?
Откако две години потфрливме кога станува збор за плеј-оф завршниците, сезонава бевме концетрирани максимално на целта. Оваа година давме максимум и во плеј-офот одигравме на ниво, среќна сум што успеавме да финишираме на најдобар можен начин, со шампионса круна. Презадоволна сум од фактот што дојдовме до двојна круна и само еден пораз во цела сезона.
Која е главната сила на женскиот кошаркарски тим Вардар?
Главниот адут на ЖКК Вардар, според мене е тимскиот дух кој го градиме изминативе сезони. Истиот во потешките моменти ни помогна да ја зацврстиме меѓусебната конекција како тим за во успесите радоста да биде уште поголема. Поврзаноста помеѓу девојките носи „хемија“ која се преточува во одлични партии на теренот.
За крај, кои се очекувања за новата 2019/2020 сезона.
Немам особени очекувања со оглед на тоа како се одвива секое влегување во нова сезона во домашната женска кошарка, се надевам дека оваа ќе биде скалило погоре. Важно е да ја задржиме тимската поврзаност и успехот нема да не одмине.
Михајло Тушевски