Генерацијата 2007 на фудбалскиот клуб Вардар и оваа сезона ја покажа својата доминација, освојувајќи ја детската лига на Македонија. Нашите млади надежи и по четврт пат успеаа да станат шампиони на земјава. Во оваа генерација играат доста талентирани играчи, а еден од нив е секако Лука Атанасовски. „Бедем“ во одбраната на оваа генерација, кој дава стабилност на тимот. Располага со одлични фудбалски предиспозиции и квалитети, за еден ден да стане успешен игра. Следното наше интервју е токму со Лука Атанасовски кој веќе шестта година е дел од најдобриот македонскиот клуб.
1. Дали се сеќавате на првите фудбалски почетоци, односно вашиот прв тренинг, на колку години беше, во кој клуб и кој беше првиот тренер со кој соработувавте ?
Да, се сеќавам. Мојот прв тренинг беше пред 6 години во Вардар, на теренот, на кој подоцна се изгради Академијата на клубот. Мој прв тренер беше Зоран Петковски од кој имав можност да ги учам основите во фудбалот.
2. Од каде произлезе желбата за фудбал и зошто се одлучивте баш за овој спорт ?
- Желбата и љубовта кон фудбалот се родија од мали нозе. Мојот татко е најголем “виновник”, тој е верен навивач на фудбалскиот клуб Вардар и заедно редовно ги следиме натпреварите на првиот тим.
3. Колку е тешко да се исполнуваат сите дневни обврски, училиште, тренинг, натпревари…дали е тешко и напорно ?
-Кога се сака, се се може, за мене не е тешко. Јас сум одличен ученик и редовно ги завршувам сите обврски, позврзани и со училиштето и со фудбалот.
4. Четврта година по ред со вашата генерација успеавте да станете шампиони на Македонија и да ја потврди доминацијата. Имавте напорна и долга сезона, на завршниот турнир и тешки мечеви, посебно против Албарса и финалето против Кул. Како ја видовте вие сезоната, дали сметаш дека заслужено го освоивте првото место ?
- Чест и привелегија е да се биде дел од овој тим. Јас сум горд на мојата генерација, ние четири години заслужено сме најдобри во Македонија. Титулата е многу потешко да се одбрани отколку да се освои а сезоната која помина можам да ја оценам како многу успешна. Иако имавме потешкотии само во завршниот дел од турнирот, сепак сметам дека сме на едно повисоко ниво од останатите екипи, бидејќи покажавме не само добра игра, туку и карактер во решавачките моменти.
5. Во големото финале го победивте тимот на Кул, дури после изведување на пенали, иако имавте можност да го решите мечот и во регуларниот дел. Во пенал серијата вие бевте последниот играч кој шутираше и донесе голема радост за вашата екипа. Дали при изведување на ударот кај вас имаше чувство на возбуда и емоции.
- Можевме да победиме во регуларниот дел, но тоа е фудбалот, неизвесен до последната минута. Во финалето јас го шутирав последниот пенал, бев сигурен во себе, знаев дека можам да го реализирам. Желбата за триумф секогаш е присутна, возбудата беше голема, одговорноста која ја превземав морав да ја оправдам, а на крај чувството не може да се опише со зборови.
6. Изминатава сезона имавте можност да работите дури со тројца тренери ( Петрески, Спасески и на крајот со Стефановски). Колку овие тренери се различни, дали е тешко да се навикнете на тренерска промена и колку научивте од сите нив ?
- Оваа сезона имавме смена на тројца тренери, брзо се навикнавме на нивниот стилна игра и барања. На промените се прилагодуваме доста брзо, секој тренер е различен и од секој од нив научивме многу, за тоа сме им благодарни.
7. Дали можеби навиваш за некој друг клуб во Македонија, и дали во иднина се гледате како дел од клубот ?
- За мене Вардар е еден и единствен, сега моето место е тука во Вардар. Во иднина се гледам како дел од некој познат светски клуб.
8. Во детската лига играте на позицијата стопер, дали сметате дека тоа е идеалното место за вас на теренот ?
- Да, сметам дека стопер е идеалната позиција за мене. Сум пробал да играм и на друга позиција, но најголеми успеси имам како последен играч. Во оваа улога исто така, најдобро се снаоѓам и на големиот терен.
9. Што треба да поседува еден играч за во иднина да биде успешен, на што најмногу треба да посветува внимание ?
- Според мене за еден играч да биде успешен потребно е желба, упорност и истрајност. Режимот на исхрана е многу важен, напорни и редовни тренинзи, почитување на советите од тренерот заедно со дисциплината се главните фактори за успех.
10. Колку често се дружите со твоите соиграчи надвор од теренот, дали е тоа „рецептот“ за успешноста на оваа вардарова генерација ?
- Сите се дружиме подеднакво, многу сме сложни, ние сме како едно семејство, мислам дека тоа не прави поразлични од другите тимови. Кај нас нема љубомара, секој е посебен и многу вреден за тимот, доказ се нашите успеси. Само сложен тим е успешен тим.
11. Сезоната ја завршивте со освојување на уште еден трофеј, од силниот меѓународен турнир во Несебар, какви се впечатоците од истиот ?
Турнирот во Несебар е еден од поквалитетните на кои сме учествувале.Имаше екипи од Бугарија, Србија, Молдавија, Украина и др. Во текот на целиот турнир доминиравме, немавме ниту нерешен резултат а турнирот го завршивме со само еден примен гол. Заслужено се вративме дома со злато.
12. Доколку не би биле фудбалер, со што други би сакале да се занимавате ?
- Да бидам искрен ова ми беше најтешко прашање, се обидував да најдам одговор но, не можев. Ништо друго не ме привлекува како фудбалот.
13. Какви се вашите цели за во иднина, поврзани со фудбалот ?
- Во блиска иднина се гледам во редовите на Вардар, како и во младинските селекции на Македонија. Но, како што кажав, се замислувам и како дел од светското фудбалско семејство.
Звонко Ивановски