Втора последователна победа за кадетската ракометна репрезентација, на Светското првенство кое е актуелно во нашиот главен град.
Македонија во третото коло од групата за противник ја имаше селекцијата на Бахреин, која ја совлада со резултат 27:25. Во најголем дел од мечот имавме предност, највисоката беше четири голови разлика. Истава позитива ја имавме и во двата дела од натпреварот, но слично како на претходните два дуели, така и на овој, избраниците на Брестовац лесно му дозволуваа на противникот да ја топи негативата. По првото полувреме имавме водство од три гола разлика (12:9), најмногу благодарение на голманот Марко Кизиќ, кој во овој дел од мечот имаше осум одбрани.
После десет минути игра, Македонија повторно стигна до највисоки четири голови разлика, но како одминуваше дуелот, селекцијата на Бахреин се доближи на нашето водство, кое го анулираше на пет минути пред крајот, кога резултатот на семафорот гласеше 23:23. Во победата, удел имаше и голманот Андреј Петтковски, довчерашниот голман на Вардар Јуниор, кој успеа да спречи два удари од седум метри, исто толку од оваа позиција одбрани и Марко Кизиќ, па може да им се препише големо значење во овој триумф. Подобро се снајдовме во финишот, иако за победата треперевме речиси до последната минута, сепак на крајот победивме со резултат 27:25.
Со оваа победа, Македонија речиси и обезбеди пласман во осминафиналето на СП. Еден од најдобрите поединци на кадетската селекција на Македонија, на овој мундијал е сигурно голманската надеж на Вардар, Марко Кизиќ кој дуелот со Бахреин го заврши со 12 одбрани, од кои два одбранети седмерци. Мартин Карапалевски повторно имаше учинок во победата, со два постигнати голови, додека Ќосевски не се запиша во листата на стрелци.