Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Бутел без шанси за разиграниот Вардар Јуниор, кадетите со нова висока победа во лигата
Бутел без шанси за разиграниот Вардар Јуниор, кадетите со нова висока победа во лигата

Бутел без шанси за разиграниот Вардар Јуниор, кадетите со нова висока победа во лигата

Кадетите на Вардар Јуниор стигнаа до нова победа во рамките на кадетската лига, откако вечерва славеа на гостувањето кај екипата на Бутел. Избраниците на Будимир и Станковски победија убедливо со резултат 20:38.

Вардаровите кадети доминираа во текот на целиот натпревар и ниту во еден момент не му дозволија на противникот да биде во позитива. Стартот на мечот покажа каков тек ќе има дуелот, кога Вардар Јуниор уште во првите минути се одлепи на 0:4, а како одминуваше полувремето се повеќе го зголемувавме водството. Иако бевме без Савревски, Грујоски и Калајџиески кои имаат репрезентативни обврски, црвено-црните немаа проблеми околу освојување на новите бодови. На секој постигнат гол на домашниот тим, Вардар Јуниор враќаше со серија од три погодоци, па разликата постојано растеше. Бутел немаше одговор за нашата игра, се обидуваше да одржува резултатска неизвесност, имаа пет гола негатива во последните шест минути од првиот дел (8:13) кога Вардар Јуниор до крајот на првото полувреме направи серија од 1:6 и на пауза замина со високи 10:19, по што беше познато кој ќе ги освои бодовите на овој меч од кадетската лига.

vardarfans-tekst

Избраниците на Будимир имаа контрола на играта и резултатот и во вториот дел од натпреварот. Едноставно, домашниот тим немаше сили да се надигрува со расположениот Вардар Јуниор, кој немилосрдно ја полнеа нивната мрежа. Освен голманите, сите останати се запишаа во листата на стрелци на овој дуел. Бутел не можеше да избегне висок пораз, кој на крајот беше изразен со резултат 20:38

Андреј Пешевски беше најефикасен играч во нашите редови постигнувајќи 9 голови, додека Леонид Киселовски постигна 6. Бојан Чакалиќ, Дамјан Димитријевски и Филип Атанасовски постигнаа по 4, додека Марио Мишевски, Горјан Трајчевски и Благој Димчевски имаа по 3. Во листата на стрелци се запишаа уште и Дарјан Петков и Дамјан Србиновски кои имаа по 1 гол.