Заврши 6-то издание на турнирот „Еден живот, една љубов“, кој се игра во „Јане Сандански“ во Скопје. Кај момците родени 2008/2009 година, Ангели дојдоа до пехарот, второто место беше резервирано за Бисинов, а „бронзени“ се момците од РК Седмерец Вардар.
РК Ангели Вардар предводени од Силвана Миленковиќ-Гана дојдоа до златото со победа во големото финале над екипата од Велес, Бисинов(1) Вардар. Финалето почна со израмнета игра и почетни 2-2, потоа тимот на Ангели врза два гола за предност со 4-2.Тие го исконтролираа овој прв дел, ја посакуваа победата и одиграа мудро во ова прво полувреме. На пауза заминаа со резултат 9-6.
Во вториот дел двата тима започнаа рамноправно, на средината од овој период стоеше на резултат, 12-9 откако двата тима постигаа по три гола во мрежата на противниците. Ангели постојано ја одржуваа предноста, тие не дозволија ривалот да им се доближи и да го загрози нивото водство. На крајот победија и дојдоа до пехар со резултат 13-11.
Во дуелот за “бронза“ тимот на РК Седмерец Вардар од Охрид успеа да ја совлада екипата на РК Ѓорче Петров Вардар од Скопје. Мечот започна со почетни 1-1, потоа следеше серија по која охриѓани се одлепија на 8-2. Во финишот двете екипи погодија по два пати во противничките мрежи за на семафорот за време на одморот да стои 10-4.
Како што заврши првиот дел така продолжи и вториот период, двата тима беа рамноправни играа гол за гол се до резултат 13-7. Потоа тимот од Охрид, Седмерец Вардар почна да ја зголемува разликата се до крајните плус десет, мечот заврши со резултат 21-11. Тоа им донесе “бронза“ на регионалната школа на Вардар од Охрид.