Денес, ракометарите на Вардар ќе го одиграат последниот натпревар за оваа календарска година. На дуелот кој нема никакво резултатско значење, гостуваме во Нашице кај екипата на Нексе.
Како што и претходно објавиме, на денешниот натпревар ќе се појави всушност тимот на Вардар Јуниор кој од клупата ќе биде предводен од Стојан Петрушевски. Без разлика од исходот на вечерашниот натгпревар, Вардар ќе заврши како првопласиран во својата група, додека Нексе ќе биде на петтата позиција. Првиот меч одигран во С.Ц. Јане Сандански го добија црвено-црните забележувајќи триумф со резултат 27:25.
Во пресрет на овој дуел, своите видувања ги изнесоа тренерот Петрушевски и играчот, Димитар Димитриоски.
-СЕХА-Лигата е одлична можност за нашите млади играчи да ги покажат своите квалитети. Сега, кога го обезбедивме првото место во нашата група, дојде време тие да ја искористата можноста и да докажат дека вредат. Некои од нив имаат искуство од настапите во СЕХА и Лигата на Шампионите. Сепак. Нексе ќе биде тежок противник. И покрај недостатокот од искуство, ќе дадеме се од себе на овој меч да го покажеме нашиот потенцијал, истакна Стојан Петрушевски.
Пристигнавме во Нашице со комбиниран состав и со само неколку играчи кои претходно играле во СЕХА-лигата. Ќе дадеме се од себе за да извадиме добар резултат и да докажеме дека на овој тим не му недостасува мотивација. Сите знаеме дека нема што да загубиме. Нексе се фаворити, но верувам дека може да ги изненадиме, изјави Димитриоски.
Денешниот натпревар, својот почеток ќе го има од 17:00 часот.