Генерацијата 2004 на ФК Вардар ја игра својата дебитантска сезона во помладата-пионерска лига. Оваа екипа на Вардар успеа да заврши како есенски шампион во првиот дел од сезоната, успевајќи да остане непоразена и после 14 одиграни натпревари. По многу бројки, избраниците на Сашо Тодоровски се меѓу најдобрите, воопшто во сите четири младински лиги. Во својата категорија го имаат убедливо најефикасниот напад со 46 постигнати голови и само 8 примени погодоци.
Само две екипи можат да се пофалат дека ја надминале оваа бројка на погодоци, тоа се Академија Пандев во пионерската и Шкендија во младинската лига, додека пом.пионери на Вардар ја поседуваат најдобрата одбрана во есенскиот дел, воопшто во сите младински категории. Освен тоа, нема ниту една екипа во младинските лиги, која не доживеа барем најмалку еден пораз, уште еден податок што ги прави помладите пионери најдобри. Од четирите нерешени резултати, само еден е на домашен терен и тоа на стартот од сезоната против Шкендија, додека останатите три се остварени на тешки и незгодни гостувања.
Како одминуваше есенскиот дел, оваа екипа под водство на Рап-Тап играше се подобро, па како круна на таквите игри дојде и приматот, есенски шампион. Тодоровски е познат како еден од најтрофејните тренери во младинската школа на Вардар, па воопшто не зачудуваат овие бројки кои ги постигнува и како предводник на оваа генерација.
Ова се сите постигнати резултати на помладите пионери во есенскиот дел од сезоната:
1 коло:Победа – Вардар 0:3
2 коло: Вардар – Шкендија 2:2
3 коло: Пелистер – Вардар 2:4
4 коло: Вардар – Шкупи 7:0
5 коло: Работнички – Вардар 1:1
6 коло: Вардар – Еуроспорт 4:0
7 коло: Македонија Ѓ.П – Вардар 0:7
8 коло: Њу Старс – Вардар 2:2
9 коло: Вардар – Акад. Пандев 2:0
10 коло: Вардар – Победа 6:0
11 коло: Шкендија - Вардар 1:3
12 коло: Вардар – Пелистер 3:0
13 коло: Шкупи – Вардар 0:0
14 коло: Вардар – Работнички 2:0
Екипите на Работнички и Шкендија се најголеми конкуренти за трофејот на вардарци оваа сезона, со оглед дека имаме четири бода предност пред градскиот ривал, односно шест од екипата на Шкендија. На четвртото место со големи 10 бода заостанува тимот на Акад.Пандев.
Успеавме да се пласираме во полуфиналето на Купот, а со тоа и можноста да се бориме за освојување на двојната круна. Милано и Победа беа првите пречки за црвено-црните, но беа успешно поминати.
1/8: Вардар – Милано 2:0
1/4 прв меч: Вардар – Победа 2:1
1/4 втор меч: Победа – Вардар 1:4
Пролетниот дел е закажан да започне на почетокот на месец март, а Вардар во рамките на 15.коло ќе гостува во Куманово кај екипата на Еуроспорт, додека во следното коло на домашен терен ќе ја пречека Македонија Ѓ.П.
Следниот наш текст поврзан со оваа генерација ќе биде за најдобрите стрелци во есенскиот дел, односно играчите кои успеваа да постигнат голови во двете натпреварувања ( лига и куп).