Есенскиот шампион во ПМФЛ, тимот на Вардар денес го имаше првиот собир во новата година. На првата прозивка единствен кој недостасуваше беше бразилскиот интернационалец, Жуниор Реис Родригез кој се очекува во наредниве денови да се приклучи на тимот. Со екипата тренираат и играчи од Академијата на клубот.
Шефот на стручниот штаб, Александар Васоски, им посака среќа на играчите. Васоски истакна дека се надева дека добро ќе се подготват за пролетниот дел и дека резултатите од силните контролни натпревари ќе бидат во заден план.
„Како стручен штаб им посакавме среќа на играчите, и официјално ги стартувавме подготовките за пролетниот дел од сезоната. Како што е познато, тука во Скопје сме до 15. јануари, ќе тренираме во нашиот тренинг камп, а потоа заминуваме во Анталија каде преку пријателски натпревари, ќе ја темпираме формата за почетокот на вториот дел од сезоната. Очекувам добро да се подготвиме, и се разбира она што го посакуваме, сите да бидат здрави на почетокот на пролетниот дел од шампионатот. Ќе имаме квалитетни ривали на пријателските натпревари во Анталија, но реков дека резултатите се во втор план, важно ќе биде да ја подготовиме нашата тактика, и уште подобро да се воиграме, истакна Васоски.
Познати се сите противници на Вардар во Анталија, односно официјализирана е и третата контрола во Анталија. Третиот противник ќе биде српскиот прволигаш Бачка Топола.
ПЛАНОТ НА ПОДГОТОВКИТЕ НА ВАРДАР
СКОПЈЕ, ХИПОДРОМ ТРЕНИНГ ЦЕНТАР 09.01.2020 – 14.01.2020
АНТАЛИЈА, ТУРЦИЈА 15.01.2020 – 04.02.2020
ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ:
20.01. – Вардар – Хајдук (Хрватска)
23.01. – Вардар – Динамо Киев (Украина)
26.01. – Вардар – Бачка Топола (Србија)
29.01. – Вардар – Црвена Звезда (Србија)
02.02. – Вардар – Борац Бања Лука (БИХ)
03.02. – Вардар – Мура (Словенија)