Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација пишува, проф.М.Бошковиќ
Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација пишува, проф.М.Бошковиќ

Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација пишува, проф.М.Бошковиќ

Пишува професор Мирослав Бошковиќ, долгогодишен  спортски работник во АК Вардар, пензиониран историчар кој ни ја донесува на дланка македонската и вардаровата атлетска историја.

Уште од првите години по Втората светска војна, па до денес, АФМ (АСМ) била организатор на врвните атлетски настани, кои го привлекувале вниманието на спортската јавност кај нас, и надвор од Македонија. Во овој напис, се обидов хронолошки да ги претставам сите југословенски, балкански и европски првенства одржани на територијата на Македонија, а во организацијата на Атлетската федерација на Македонија (АСМ), почнувајќи од првите години по Втората светска војна, до денес. Со оглед на обемноста на напишаното, решив статијата да ја дадам во две продолженија.

fg3
На 11 април 1948 година, во Скопје, бил одржан државниот крос на Југославија во сите категории. Стартот и целта биле на стадионот на ФД “Македонија”. Како што може да се прочита од извештајот на делегатот, за цело време на трките, врнел дожд, патеката била каллива, а кросот го следеле околу 6.000 гледачи. Тоа покажува за големата популарност на атлетиката во нашиот главен град. Во трката за сениори победил Фрања Михалиќ, ФК “Партизан” , Белград. Она што е интересно за нас, тоа е настапот на извонредниот атлетичар на АК “Вардар”, Андреа Герасимовски, кој во трката на 2,5 км. за јуниори, постигнал извонреден успех, освојувајќи го првото место, со што ја освоил титулата шампион на Југославиаја. Во екипна конкуренција, во оваа дисциплина, екипата на АК “Вардар” постигнала исто така голем успех, со освојувањето на третото место.
На 12 и 13 септември 1953 година, на Градскиот стадион во Скопје, било одржано поединечното првенство на Југославија за јуниори. Од македонските претставници, најголем успех постигнал Чедомир Шаревски, кој победил на 100 метри со време 11,0 , а на 200 метри бил втор, со резултат 23,2. На 3.000 метри, солиден пласман имал Трбоевски Љубиша, АК “Работнички”, кој бил четврти, со време 9:28,3 , додека Анастасов Илија, АК “Вардар”, бил шести со резултат 9:52,3 .

fg2

Во дисциплината 110 м. со пречки, атлетичарот на АК “Работнички”, Саздовски Борис, со резултат 20,1 , го освоил третото место. Штафетата на Работнички, 4×100 метри, во состав Ословски, Саздовски, Геровски и Шаревски, со време 47,1 , се нашла на третото место, зад штафетите на АК “Партизан”, Белград и АК “Војводина”, Нови Сад. Познатите фрлачи на АК “Работнички”, браќата Поповиќ Светолик и Поповиќ Радмило настапиле во фрлачките дисциплини. Светолик настапил во дисциплината фрлање диск. Со 34,99 м., го освоил третото место во Југославија, додека Радмило настапил во дисциплината фрлање копје, и со 39,05 м., го освоил шестото место. Во истата дисциплина, атлетичарот на АК “Работнички”, Геровски Љубомир бил пети со должина од 42,47 м.
Големо признание за Македонија и Скопје значела организацијата на Балканскиот крос, одржан на 3 април 1955 година. Во сениорската трка, на 10 км. победил Драгутин Штритоф, од АК “Партизан”, Белград. Во истата трка, Цветиниќ Доменико, од АК “Партизан”, исто така постигнал голем успех со освојувањето на третото место и освоил бронзен медал. Колку југословенските претставници во оваа дисциплина биле супериорни во однос на останатите балкански репрезентации, кажува фактот дека во екипна конкуренција, репрезентацијата на Југославија го освоила 1 место.
На 22 и23 јуни 1968 година, во Скопје се одржало поединечното првенство на Југославија за јуниори. Организацијата на овој натпревар е добиена по успешните настапи на група наши атлетичари на поединечното првенство на Југославија, во претходната 1967 година во Цеље. Најголем успех постигнал Тасевски Зоран, АК “Вардар”, со освојувањето на шампионската титула во скок во далечина со скок од 6,81, второто место на 100 м. со време 10,8 , зад Габор Ленѓел, од АК “Спартак”, Суботица, како и второто место на 200 м. со резултат 22,5 , зад Меле Милош, од АК “Олимпија”, Љубљана. Вториот спринтер на AK “Вардар”, Панев Цветан бил шести со време 23,4. На 400 м. членот на АК “Работнички” , Јанко Јакимовски, со време 50,9 го освоил третото место, а на 800 м. станал вицешампион на Југославија со време 1:59,0. Извонреден успех постигнала штафетата на Вардар 4×100 , во состав Тасевски, Панев, Карер, Терзиев, која надмоќно триумфирала, пред штафетата на Црвена Звезда, со време 44,0 . Покрај тоа, и штафетата на Вардар 4×400 метри, во состав Треневски, Терзиев, Тасевски, Панев, била втора со време 3:33,6 , зад штафетата на Црвена Звезда. Во фрлање копје, Љупчо Трајчев, АК Вардар станал вицешампион на Југославија со 58,66 м. Жестока , повеќечасовна боба се водела во дисциплината скок со стап. Карер Владимир, со прескокнати 3,80 м., бил втор зад Панџиќ Гојко, Младост, Загреб. Терзиев Перо, АК Вардар, во дисциплината 400 м. пречки, бил четврти со 59,4. По овие успешни настапи на македонските претставници, дури пет биле повикани во составот на јуниорската репрезентација на Југославија на тромечот меѓу репрезентациите Италија – Полска – Југославија, одржан во Ливорно, Италија, 1968 година.

fg
Во 1969 година во Сарај, кај Скопје, беше одржан Балканскиот крос во чија организација беа вклучени сите членови на управата како и голем број атлртичари од АК Вардар и АК Работнички, со што дале огромен придонес во успешната реализација на оваа квалитетна манифестација. Централната трка беше на 12.000 метри, кога познатиот југословенски репрезентативец Дане Корица, во незаборавен финиш, поздравен од бројната публика успеа прв да влезе во целта на фудбалското игралиште. И во конкуренцијата на сениорки, првото место и припадна на Југославија. Тогаш, атлетичарката на АК “Сараево”, Ѓурѓица Рајхер, супериорно ја истрча трката, и стана балканска шампионка. Златен медал освои и Зоран Моловиќ, од АК “21 мај”, Белград, во конкуренцијата на јуниори, како и Ковачев Мирјана, АК”Славонија”, Осиек, во категоријата јуниорки. Во екипна конкуренција, Југославија го освои првото место во категоријата помлади сениори, јуниори и јуниорки.Спрема пишувањата на медиумите, ова беше извонредно организиран крос, со што организаторот целосно ги оправда очекувањата.
По добивањето на тартан патеката во Скопје, во 1974 година, вредните ентузијасти и членови на тогашното раководство на АСМ донесоа одлука да аплицираме за добивање организација на финалниот натпревар на Купот на Југославија за сениори и сениорки. Откако беше констатирано дека ги исполнуваме сите критериуми, АСЈ го определи Скопје за домаќин на овој натпревар. Финалето се одржа во два дена, на 22 и 23 јуни 1974 година. Тие два дена Скопје беше вистински атлетски центар. Можеа да се видат голем број врвни атлетичари, репрезентативци и рекордери. Тука беа Роман Лешек, Дане Корица, Јошко Алебиќ, Петер Свет, Јелица Павличиќ, Лучиано Сушањ, Вера Вељановска, Ненад Стекиќ, Наташа Урбанчич, Ѓурѓа Фочиќ и др. Заедно со своите пулени, во Скопје пристигнаа и повеќе реномирани атлетски тренери: Александар Маринковиќ, Аца Петровиќ, Лео Ланг, Лазар Ќировиќ, Жељко Лесковац, Аца Миленковиќ, како и македонските тренери: Гешовски Ѓорѓи, Илија Чукалковски, Симе Георгиевски, Крсто Серафимовски, Душко Ангеловски, Јован Шуков и др. Некои од атлетските имиња веќе беа познати во Европа и во светот. Дане Корица беше државен рекордер на 10.000 и 5.000 метри и еден од најдобрите долгопругаши во Европа. Јелица Павличиќ како спринтерка беше во врвот на светската атлетика. Ненад Стекиќ во скок во далечина имаше извонреден резултат и европски рекорд од 8,45 см. , а над 100 пати ја прескокнал далечината од 8,00 метри. Со останатите sвезди беше и македонската рекордерка и членка на југословенската репрезентација на 100 м, 200 м и штафетата 4х100 метри, Вера Вељановска. Но од сите нив, бројната атлетската публика во Скопје која ги следеше натпреварите, посебно го запомни атлетичарот Лучиано Сушањ. Со својата појава и височина (185 см), како и неговата култура и неспорен авторитет, секогаш беше во средиштето на вниманието. Откако прво победи на 400 метри, вториот ден, на 23 јуни 1974 година, Лучиано Сушањ настапи на 800 метри, при што извојува убедлива победа со резултат од 1:45,1 , што претставуваше убава најава за неговиот настап на Европското првенство во Рим, истата година, кога стана европски шампион.

Фотографии: 1. Фрања Михалиќ 2. Судии на кросот во Сарај, 1969 3. Дане Корица
4. Штафетата на Вардар 4×400 м. во Скопје, 1968 г. (Треневски Митко, Тасевски Зоран, Терзиев Перо, Панев Цветан) 5. Финале на Купот на Југославија, 1974 г., 100 м, Вера Вељановска (втора патека)