Вардарци стигнаа и до третата победа на турнирот во Струга, откако вечерва очекувано беа подобри од екипата на Бутел. На тој начин го освоивме првото место во групата и утре ќе играме во големото финале на турнирот.
Во првите седум минути од натпреварот видовме многу нереализирани напади и на двете страни. Ловро Јотиќ го отвори резултатот, а Кизиќ успеа да скроти пенал на противникот. Бутел никако не можеше да го пронајде патот до нашиот гол, но и нивниот голман, Блажевски успеа да сврзе две одбрани, благодарение на кои, Вардар не успеваше да го зголеми водството. Дури по 7 минути игра падна првиот гол во нашата мрежа, додека Јотиќ го постигна и вториот гол за вардарци. Гледавме едно брзо темпо на игра, кое го наметнаа и двете екипи. После 10 минути игра, резултатот на семафорот гласеше 3:3, а Кизиќ со нова интервенција се истакна нашиот гол. Следеше период од пет минути, во кој и двете екипи не успеаа да постигнат гол, а прв пат имавме два гола позитива во 15 минута, кога Чупиќ донесе водство на Вардар од 5:3.
Со првиот гол на Марко Вујин повторно поведовме со два гола позитива, а Чупиќ со нов погодок донесе предност и од 7:4. До крајот на првото полувреме, разликата се движеше од 3-4 голови, а нововлезениот Талевски постигна два гола во серија, со кои донесе водство од 11:7. Имавме можност да се одлепиме и на пет гола разлика, но Калараш и Стоилов промашија зицери, а Бутел се погрижи на полувреме да има достижна негатива, резултатот по истекот на 30.минути гласеше 14:11.
На голот во второто полувреме застана и Ристовски, кој успеава да го спречи првиот напад на Бутел, додека Гоце Георгиески го запиша и првиот погодок. Во игра ги видовме младите Мишевски и Јагуриновски, но Вардар се уште не се одлепи на повисока разлика од три голови. Бутел се доближи резултатски и намали само на еден гол негатива, додека со првиот гол на Гаџа имавме водство од 17:15. Македонските репрезентативци во дресот на Вардар, Стоилов и Георгиески постигнуваат голови и ја враќаат најголемата позитива од четири погодоци (19:15), што беше знак за противничкиот тренер да побара тајм-аут. Избраниците на Алушовски влегоа во серија на голови, во контра напад погоди и Калараш за најголеми пет гола предност (20:15). Тешко одеше за екипата на Бутел, која не успеа во два наврати да погоди од седум метри, а долго време беа без постигнат гол. Растеше нашата предност, погодија Дибиров и Јагуриновски, за резултат 24:16, по што беше познат победникот на овој натпревар. Конечниот резултат на крајот гласи 25:17.
Дибиров беше најефикасен со 4 голови, додека Талески и Чупиќ имаа по 3. Утре во терминот од 21:15 часот во големото финале, ќе играат екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер.