За жал, ЖРК Вардар во овој подготвителен летен период за сезоната 2020/2021 година ќе мора да се раздели, привремено со уште еден свој член. Девојката која играше на бековските и крилните позиции, Кети Ангеловска поради започнувањето на своето високо образование, се одлучи да ја прекине соработката со тимот, бидејќи постои неспоивост на термините и локациите за реализирање на образовниот и тренажниот- ракометен процес. Ангеловска беше неколку години дел од Вардар, откако премина од регионалната ракометна школа РК Делчево-Вардар во централата, ЖРК Вардар во Скопје. Станува збор за квалитетен, посветен и одличен ракометар.
За почеток ни ја раскажува нејзината децениска приказна од почетник во ракометната игра до првотимец во екипата на Вардар, десет години по првите ракометни чекори направени во родното Делчево.
Ракомет започнав да тренирам на 9 годишна возраст во Р. К. Делчево, во кој играв се до 16 годишна возраст кога добив понуда да заиграм за ЖРК Вардар. Ракометот уште од кога знам за мене, е омилен спорт во семејството, од таму се роди мојата љубов кон ракометот. Сон на секој рскометар е да стигне до најдобрите тимови во Македонија како што е Вардар. Уште со нивните европски достигнувања и особено кога нашиот клуб почна соработка со Вардар мојата мотивација и пристап кон ракометот почна да е сериозно и мотивирано. Шансата да заиграм за Вардар дојде преку „Вардар јуниор лигата“ и зимските турнири како и македонските првенства. Ќе ги издвојам неколкуте поединечни награди за најдобар стрелец, најдобро крило…
Во нејзината кариера се случи „раскрсница“ по десет години ракомет дојде периодот на започнување на високото образование. Момент кога Ангеловска мораше да го избере живнотниот пат, иако како што вели ова е „запирка“ не „точка“ на нејзината ракометна кариера.
Како и кај секој ученик со завршувањето на средно образование така и јас си го поставував прашањето што понатаму. Уште од мала имав желба за воена академија, мотив ми беше и ми е татко ми како го гледав во униформа. И сега кога дојде моментот да се одлучи беше многу тешко бидејки оваа професија бара многу посветеност исто како и ракометот. Можам да кажам дека ова не е точка за ракометот туку запирка, сепак сум млада сум не значи дека тука ќе биде крајот, ракометот ќе ми остане мојата прва љубов.
Во одлуката голема улога имаше оваа сезона, поточно повредите, рехабилитации, ситуацијата со короната, исто така мислата дека јас како спортист во оваа држава го достигнав врвот, а тоа е да заиграм за европскиот вицепрвак Вардар, како што напоменав тоа е сон на секој млад ракометар. Секогаш ќе го носам во срце овој тим.
За крај Ангеловска искажува голема благодарност до сите свои ракометни ментори и соиграчи со кои во изминатата деценија имала дружба со ракометната игра.
Голема благодарност до сите мои тренери и играчи со кои сум соработувала, голема благодарност до моите најблиски кои секогаш ми ја даваа неизмерната поддршка. Се надевам дека ова не е крајот, и се гледаме поскоро на терен-завршува Ангеловска.