Wednesday ,27 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Одличен Вардар, Стоилов го предводеше Европскиот Шампион до прва победа сезонава во ЛШ
Одличен Вардар, Стоилов го предводеше Европскиот Шампион до прва победа сезонава во ЛШ

Одличен Вардар, Стоилов го предводеше Европскиот Шампион до прва победа сезонава во ЛШ

Вардарци ја забележаа првата победа сезонава во Лигата на Шампионите. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, избраниците на Алушовски беа подобар противник од тимот на Фленсбург, кој го победија со резултат 31:26.

Одигравме добро прво полувреме кое го добивме со два гола позитива. Стартот на натпреварот му припадна на гостинскиот тим кој ги постигна првите два гола, но црвено-црните вратија со серија од 4:0 во периодот од 4-7 минута за предност од 4:2. На голот започна Борко Ристовски, додека истите играчи кои напаѓаа беа и во одбраната на нашиот тим. Започнавме со Дибиров, Стоилов, Чупиќ, Дисингер, Јотиќ и Вујин, а како одминуваше првото полувреме, тренерот Алушовски започна да прави ротации. Вардар до крајот на првиот дел не дозволи да ја испушти предноста, која во еден момент достигна и четири гола позитива. Со голот на Јотиќ, а потоа и на Чупиќ, откако беше изнуден пенал над Јотиќ, Вардар за прв пат стигна и до три гола разлика (8:5) во 13 минута. Тренерот на противничката екипата, Макула, се реши да направи промена на голманската позиција, па на местото на Буриќ влезе норвешкиот интернационалец Бергеруд. Токму со неговите три одбрани, противникот успева да направи серија и во 17 минута да го израмни резултатот на 10:10.

Тренерот Алушовски се реши да побара тајм-аут, а во игра ги видовме младиот голман Кизиќ, како и Талевски кој го замени Дисингер на левата бековска позиција. Со голот на Чупиќ го вративме водството, додека Кизиќ успеа да одбрани зицер удар на Пелко. Следеше добар период за Вардар, кој се одлепи резултатски. Талевски со својот прв гол донесе нова предност, додека Јотиќ во контра напад зголеми на 13:11. Заигравме поцврсто во одбраната, а Фленсбург немаше решение во нападот, па изгуби неколку топки. Тоа го искористивме целосно, па со нов гол на Талевски и првиот погодок на Валчак, успеавме да поведеме со 15:11, а претходно Кизиќ повторно му одбрани зицер удар на поранешниот вардарец, Сикошек Пелко. Во 27 минута имавме предност од 15:11, истата позитива ја имавме и на минута пред крајот кога два пати во серија погоди капитенот Стоилов. Може да жалиме што не заминавме на одмор со поголема разлика, Фленсбург некако успева да постигне два гола и на одмор да замине со достојна негатива од 17:15.

Многу бргу ја загубивме предноста, откако по само две минути игра во вториот дел, екипата од Германија успеа да го израмни резултатот на 17:17. Повторно бевме во налет и со головите на Чупиќ, Дисингер и Калараш направивме серија и поведовме со 22:19 во 40 минута од дуелот. Нашиот капитен, Стоилов игра одличен натпревар и вечерва е незадрлжив од противничките играчи, со неговиот гол успеваме да ги зачуваме оние три гола разлика, додека на голот повторно се врати Ристовски кој забележа одбрана. Голот на натпреварот, а можеби и на колото во ЛШ го има Стоилов, кој со „шрауба“ успева да го совлада Бергеруд за предност од 25:21. Конечно, успеваме да поведеме и со пет гола разлика, откако Стоилов и Дисингер погодија за 27:22 на девет минути пред крајот на натпреварот. Имавме контрола на резултатот и бевме блиску до победата, откако истава позитива ја имавме и во 26 минута. На крајот победа за Вардар изразена со резултат 31:26.

Стоилов беше најефикасен со 8 голови, Дисингер и Јотиќ имаа по 5 погодоци, додека Дибиров и Чупиќ запишаа по 4 голови.