Monday ,25 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Рк Вардар го врати препознатливиот квалитет и сјај и со “камата“ му наплати на Колдинг
Рк Вардар го врати препознатливиот квалитет и сјај и со “камата“ му наплати на Колдинг

Рк Вардар го врати препознатливиот квалитет и сјај и со “камата“ му наплати на Колдинг

Вардарци на најдобар можен начин се вратија на победите во лигата на шампионите. Стариот должник, екипата на Колдинг наплати со “камата“ во Ј. Сандански. Црвено-црните на најдобар можен начин се одмаздија за неуспехот во Данска и вечерва речиси го прегазија противникот. Прашањето околу победата во ниту еден момент не беше загрозено.

Колдинг се што успеаа да стори на овој дуел е да има почетно водство од 0:1 со голот на Андерсон. Следуваше серија на црвено-црните за наша предност од 5:1. Штербик после еден натпревар пауза, повторно успешно се враќа на нашиот гол. Во првите четири минути имаше забележано две успешни интервенции. Вториот погодок Данскиот претставник го постигна дури во 11 минута. Избраниците на Гонзалес делуваа супериорно во секој сегмент на ракометната игра, Колдинг немаше одговор за нашата брза игра и реализирани напади од изградени позиции. Штербик продолжува во исто темпо да го брани нашиот гол и за 7 минути игра веќе имаше 6 одбрани. Неговите соиграчи максимално ги искористуваат неговите успешни интервенции, кои им овозможија неколку брзи-контра напади. Во таква улога се најде брзиот Дибиров кој зголемува на 11:5, а со вториот гол на Лацковиќ за највисоки во тие моменти 12:5 во 22 минута од дуелот. Марсениќ само ги надополни, најпрво интересно со пресечена топка од својата половина а минута подоцна со магична асистенција од Дибиров за два негови голови во серија за предност од 14:5. Штербик веќе стигнува до 12 одбрани зад неговото име.  До крајот на првото полувреме успеавме да заминеме и со двоцифрена предност од 18:8.

Вториот дел започна со погодок на гостинскиот тим, дело на Карлсон. Во првите седум минути од овој период се играше некако гол за гол на двете страни, нашиот шампион ја одржуваше предноста од десет голови разлика. Циндриќ погодува за највисоки во тој момент 22:11. Штербик ја забележува првата одбрана во вториот дел, а вкупно 13 кој му овозможува на Душебаев во брз контра-напад да постигне гол за водство од 24:12. Во 40 минута Гонзалес му дава шанса на голот на Милиќ, додека Штербик со аплаузи и овации е поздравен од публиката во арената Ј. Сандански. Колдинг сепак успева за момент да ја спушти онаа двоцифрена негатива и да постигне три голови во серија. Милиќ за кратко време забележува три одбрани, а Брумен и Марсениќ повторно ја враќаат двоцифрената предност. Циндриќ донесува највисоки 28:15 во 49 минута од мечот. Ништо ново не се случуваше во наредниот период, црвено-црните успешно го диктираа темпото на игра и ја одржуваа најголемата предност. Милиќ се покажа како успешна замена и веќе нанижа шест интервенции. Неколкуте добри одбрани на противничкиот голман им овозможија на Данците да ја намалат негативата. Конечниот резултат гласеше 34:24.

По 4 голови постигнаа Дибиров, Брумен, Циндриќ и Тоскиќ. Следува малку подолга пауза во лигата на шампиони. Следниот натпревар го играме дури во февруари, на гости против Рајн-Некар.