Еден ракометар на Вардар беше активен на вчерашните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2022 година. Се работи за Кристијан Дисингер кој со селекцијата на Германија убедливо ја победи Австрија со резултат 34:20.
Полесно од очекувањата, избраниците на Гисласон успеаа да го победат својот противник. Се беше јасно уште во првите 15 минути од натпреварот, кога Германија се одлепи на предност од 12:1, а до крајот на првото полувреме само ја зголемуваа разликата, за на одмор да замнат со позитива од 19:5.
Немаше проблеми за Германија ниту во второто полувреме, иако во еден момент Австрија на спушти двоцифрената негатива и намали на 20:12, сепак Германија повторно стигна до највисоки 15 гола разлика, за рутинска победа на крајот, изразена со резултат 34:20.
Дисингер успеа да се запише во листата на стрелци, постигнувајќи еден гол. Кај победничката репрезентација единствено голманите не го пронајдоа патот кон противничката мрежа и уште само еден ракометар.
Ова за Германија беше четврта победа од исто толку натпревари со која се зацврсти на првото место на табелата. Како што претходно најавивме, Дисингер со Германија ќе настапи на СП кое започнува од среда.