Вардарци со победа ја отворија 2021 година. На натпревар од СЕХА-лигата нашиот шампион го победи тимот на Војводина со резултат 25:21.
Екипата на Војводина прва успеа да го отвори резултатот, но до десеттата минута од натпреварот Вардар постигна шест последователни голови и поведе со 6:1. Алушовски го започна натпреварот со Ристовски на голот, на крилните позиции играа Димитриоски и Георгиевски, бековската линија ја сочинуваа Јотиќ, Дисингер и Вујин, додека на пикер беше Калараш. Црвено-црните одлично го стартуваа дуелот, во почетните 10 минути направивме солидна предност која ја зачувавме до крајот на првиот дел. Погодувавме во серија преку Стоилов, Дисингер, Калараш и Гергиевски, што беше знак за противничкиот тренер да побара тајмаут. Прибак ја прекина нашата серија, а следеше и нов гол за гостинскиот тим за намалување на 6:3. Со погодоците на Дисингер и Вујин повторно имавме предност од пет голови разлика, позитива која ја имавме и по 20 минути игра. Се играше гол за гол на двете страни, во еден момент Војводина намали на 13:10, но црвено-црните со третиот гол од сеум метри на Дибиров и со погодокот на Георгиевски со звукот на сирената отидоа на одмор со предност од 15:10. Вардар рутински го одработи првото полувреме и со половина од силите успеа да се стекне со солидно водство.
По пет мунути игра во вториот дел, момците на Алушовски ја одржуваа позитивата од пет гола, додека со погодокот на Георгиевски во 36 минута имавме највисоки шест голови разлика 18:12. После неколку неискористени наши напади, Војводина не казнуваше и во 44 минута намали на 20:17. Во моменти кога гостинот можеше да намали и на два гола, Талески Калараш постигнаа голови за нови пет гола предност за Вардар, истовремено Ристовски ја оствари и својата седма одбрана. До крајот немавме проблеми, па славевме победа со резултат 25:21.
Ристовски имаше 10 одбрани, додека Георгиевски и Дибиров постигнаа по 4 голови. Во понеделник (1.февруари), Вардар е домаќин на екипата на Нексе.