Во пресрет на пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ, Вардар е се уште единствениот тим кој ги нема стартувано подготовките за вториот дел, од сезоната, ако можат и да се наречат „подготовки“ со оглед дека стартот е закажан за претстојниов викенд. Познато е дека нов тренер ќе биде поранешниот македонски селектор, Никола Илиевски-Џиџи, додека негови помошници ќе бидат „вардаровите“ деца, Бобан Грнчаров, Златко Таневски и Никола Глигоров.
Се уште не е познато ниту новото раководство на клубот, не само на сениорскиот тим, туку и во Академијата на Вардар. Иако веќе се шпекулира со некои нови имиња кои би требало да управуваат во младинската школа, засега нема ништо официјално од информациите кои секојдневно кружат. Сепак главен проблем на клубот е тоа што нема пари, а играчите дале до знаење дека нема да тренираат додека не им се исплати дел од ветеното. Вардар е пред голем предизвик да обезбеди опстанок во ПМФЛ, со играчите кои останаа да ги бранат црвено-црните бои до крајот на сезоната.
Ситуацијата е лоша, речиси загуби целиот клуб, како сениорскиот така и младинскиот погон на Вардар. Од клубот си заминаа неколку талентирани играчи, како Бесар Гуџуфи, Дамјан Трајановски и Андреј Стојчевски, кои беа на располагање на првиот тим во есенскиот дел, но паралелно со успех настапуваа и за младинските екипи. Неколку играчи од пионерската екипа на Вардар тренираат со Македонија Ѓ.П, се додека нашата школа не започне со тренинзи, дали ќе се враќаат во Вардар или ќе го напуштат клубот, сигурно ќе имаме информации во наредниот период.
Ниту раководството, ниту пак се познати имињата на тренерите кои ќе работат во Академијата на Вардар, дефинитивно ќе биде тешко да ги задржиме лидерските позиции од првиот дел на сезоната со помладите пионери и кадетите, како и борбата на пионерите и младинците за шампионската титула, со оглед дека екипите се „преполовени“. Не е тешко да се погоди дека голем дел од играчите кои се родени 2003 и 2002 година ќе настапуваат за сениорскиот тим во пролетниот дел, па се поставува прашање какви „состави“ ќе „скрпат“ младинските екипи во продолжение од оваа натпреварувачка сезона.
Сепак главна цел на Вардар во следните четири месеци ќе биде да се опстане во првата македонска фудбалска лига, потоа да се исплатат сите долгови и клубот да добие нов сопственик. Што ќе се оствари од сето ова ќе ни покаже времето.