Вечерва тимот на Вардар го очекува натпревар од СЕХА-лигата. Црвено-црните ќе гостуваат во Украина кај екипата на Мотор Запорожје.
Ова е трет дуел сезонава во ова натпреварување за нашиот состав, кој на претходните два меча забележа победи против екипите на Војводина и Нексе, додека за Мотор Запорожје ова е само втор натпревар, во првото коло на домашен терен беа подобри од екипата на Војводина.
Ова е само трето соочување на овие две екипи, Вардар и Мотор Запорожје имаат одиграно само два меѓусебни дуели, од кои по еден завршил во корист на двете екипи.
Мотор Запорожје оваа сезона е дел од Лигата на Шампионите, каде се натпреварува во групата Б. Шампионот на Украина игра одлично сезонава во ЛШ, односно на 13 одиграни дуели има скор од 7 победи и 6 порази, па котира во горниот дел на табелата во својата група. Мотор може да биде и еден од потенцијалните противници на Вардар во 1/8 финалето на ЛШ, па овој дуел е како добредојден за двата состави. Се работи за одлична екипа во која најголемата закана доаѓа од репрезентативецот на Литванија, Маласинскас кој е втор најдобар стрелец во ЛШ, како и нивниот пикер Бохан кој има 56 погодоци во ЛШ.
Вардар повторно ќе настапи без Ристовски и Јотиќ, додека настап ќе запише пикерот Стефан Атанасовски кој отпатува со екипата на ова гостување. Вардарци во претходното коло ја прекинаа лошата серија во ЛШ и стигнаа до победа против екипата на Елверум.
Ова ќе биде силен тест за момците на Алушовски, кои во наредниот период ги очекуваат и предизвици во македонската лига, но и оние во Лигата на Шампионите. Дуелот против Мотор стартува од 20:15 часот со директен пренос на МРТ-1.