Вардарци доживеаа пораз на гостувањето во Украина кај екипата на Мотор Запорожје. Ова е прв пораз сезонава во ова натпреварување.
Вардар одигра лошо прво полувреме, во кое имаше негатива од 16:9. Не се прославија вардаровите играчи кои имаа лоша статистика во првото полувреме. Првиот гол го постигнавме дури во 11.минута од натпреварот и тоа со удар од седум метри на Дибиров кој го намали резултатот на 6:1. Во отсуство на Чупиќ, прв пат сезонава во нападот на позицијата десен бек шанса доби Векиќ, кој по 30 минути игра имаше само еден погодок од четири упатени удари кон противничкот гол, додека Дисингер имаше 0/3, па неговата замена Васко Шеваљевиќ беше единствената светла точка во првиот дел од натпреварот, кој беше и најефикасен со четири погодоци. Наместо да го намалуваме резултатот, влегувавме во поголема негатива, па на средина на првото полувреме домаќинот беше во предност од 10:3. Ниту голманите не се прославија во првото полувреме, кои имаа само една единствена одбрана, наспроти голманот на Мотор кој со девет успешни одбрани беше најзаслужен за високата предност на неговата екипа. После тајмаутот на Алушовски, со два последователни голови намаливме на шест голови негатива, сепак до крајот на првиот дел, Мотор ја зачува предноста која изнесуваше 16:9.
Го стартувавме второто полувреме со два последователни голови за да намалиме на пет гола разлика, но домаќинот во 39 минута стигна до двоцифрена предност (23:13), во овие моменти се насетуваше тежок пораз на вардарци. Марко Кизиќ врза три одбрани за краток период, неговите соиграчи намалија на 24:17, но се уште беа далеку од рамноправен натпревар. Браво за младиот Мартин Карапалевски кој доби шанса во вториот дел, која максимално ја користи. Нашиот организатор на играта имаше четири погодоци од исто толку обиди кон противничкиот гол, со кои го намаливме резултатот на 28:20. Домаќинот немаше проблем да ја сочува предноста, немаше никаква неизвесност, па Мотор Запорожје победи со резултат 30:23.
Шеваљевиќ постигна 5 голови, додека Димитриоски, Карапалевски и Талески имаа по 4 погодоци.