После два последователни порази во СЕХА, црвено-црните се вратија на победите. Во С.Ц. Јане Сандански вечерва гостуваше екипата на Мотор од која бевме подобри со резултат 32:27. Во текот на целиот меч бевме во предност и имавме контрола на играта и резултатот.
Задоволство од победата искажа и Алушовски, кој истакна дека Вардар не смеете никогаш да го отпишете.
„Најпрво, честитки до моите играчи за победата, во текот на целиот натпревар бевме подобар противник од Мотор. Кажав и пред натпреварот, не очекува борба на четири фронта и мора да ја креваме формата од меч во меч. Пред нас е најважниот меч во сезоната. Со Мотор одигравме добро посебно во нападот, иако имаме проблеми со ростерот поради кратка ротација и се трудиме тоа да го компензираме со игра „седум на шест“. Уште еднаш, покажавме карактер и дека Вардар никогаш не треба да се отпише, затоа што има квалитет. Се надевам на уште подобри игри во иднина. Ни следат домашното првенство и двомечот со Веспрем во ЛШ, кажа Алушовски.
Анте Гаџа имаше голем удел во триумфот, постигнувајќи осум голови, со кои беше најдобар стрелец во победничкиот тим.
„Честитки за Мотор за натпреварот и со среќа во ЛШ и во СЕХА. Ние влеговме во овој меч да покажеме дека она што се случи во Украина не беше реалната состојба, малку бевме во ритам на многу натпревари и без важни натпревари. Успеавме во тоа и се надевам дека во иднина нашата форма ќе оди во нагорна линија. Сакам да продолжиме во ист ритам, секој меч е важен и пресуден и не смее повеќе да си дозволуваме лоши партии“, истакна Гаџа.