Денес со почеток од 18 часот продолжуваат настапите за нашиот ракометен шампион, во рамките на сеха натпреварувањето. Следен противник за црвено-црните е екипата на Татран Прешов од Словачка. Моментално Словачкиот првак се наоѓа на третото место во сеха лигата и се натпреварува во лигата на шампионите. Во послабата група Ц се наоѓаат на последното место, со само две победи и дури осум порази. Во сеха лигата имаат скор од девет победи и три порази.
Овој дуел може да биде многу важен за избраниците на Гонзалес, кои се во рамноправна борба за првите две позиции во лигава, кои на крајот од регуларниот дел директно ќе носат пласман на завршниот турнир. Оние екипи кои ќе завршат на позициите од 3-6 место, ќе се борат за останатите две места кои водат на Ф4 турнирот во сеха-лигата. Екипата на Веспрем е сигурно број еден фаворит за таа прва позиција во регуларниот дел. За второто место конкурираат Вардар, Загреб, Татран Прешов и можеби Брест Мешков, кој има помали шанси бидејќи веќе има доживеано четири порази. Доколку денес нашиот состав излезе како победник на гостинскиот терен во Прешов, ќе ги исфрлиме Словаците во конкурентската борба за првите две позиции. Од тука и важноста на овој меч, после победата против Војводина би требало нашите момци и денес да ја оправдаат фаворитската улога која е на наша страна.
Во составот би требало да биде и нашиот прв голман Арпад Штербик, кој одмараше на претходниот дуел одигран во Нови Сад. Сите останати играчи, освен Карачиќ, се на располагање на тренерот Гонзалес за овој меч. Очекуваме добра игра на Вардарци, со што би биле чекор поблиску до првите две позиции на табелата во регуларниот дел. Од натпреварот против Татран, ќе можете да проследите директен пренос на собранискиот канал.