Од 13-15.мај на програмата е завршниот турнир во ракометниот Куп на Македонија. Утре во спортската сала во населбата Автокоманда, Вардар за противник го има тимот на Металург, во рамките на полуфиналето.
Какви се очекувањата од завршниот турнир, ќе можете да прочитате од изјавата на Стевче Алушовски.
-Во Купот сите екипи се фаворити. Сите се надеваат дека може да победат. Тоа се два посебни натпревари, две посебни приказни, две сосема поинакви дуели. Секој ја гледа својата шанаса тука. Ова се четирите најквалитетни тимови и секој доаѓа со свој есап. Нема аутсајдери. Вардар никогаш не бегал од улогата што ја имал, и секогаш се стреми да биде победник. Во ситуација кога нема публика на трибините речиси е сеедно каде се игра. Треба да покажеме дека во моментов нашата форма е најдобра и овој месец да го завршиме планираното. Тренираме вредно, секојдневно.
Вардар до крајот на сезоната ќе биде без Анте Гаџа кој имаше оперативен зафат на раката, па нема да биде во можност да му помогне на тимот. Другите се ставаат на располагање за Ф4 турнирот во Купот.
-На овие дуели од Купот единствено ќе ни недостасува Анте Гаџа кој има повреда на раката и имаше операција. Сите други се максимално подготвени за полуфиналниот дуел со Металург. Тоа е дерби кое секогаш е интересно. Очекувам натпревари со висок интензитет и очекувам се разбира да бидеме победници”, изјави Алушовски.
Натпреварот ќе започне од 16:30 часот. Со евентуална победа, во големото финале ќе играме со подобриот од дуелот Еурофарм Пелистер и Бутел. Натпреварите од Купот на Македонија ќе може да се следат на МТВ.