Денес нашиот фудбалски и женскиот ракометен црвено-црн колектив беа во новогодишна посета од хуманитарен карактер кај дечињата сместени во Домот „25 Мај“. Нашите играчи на децата во институцијата за лица со воспитно-социјални проблеми поделиа пригодни подароци.
Децата им приредија топлото добредојде на вардаровиот фудбалер Благоја Љамчевски кој беше заедно со неколкуте ракометарки на Вардар. Вардарци на дечињата им поделија новогодишни пакетчиња и дресови со препознатливите „црвено-црни“ бои. Дружење беше исполнето со весела атмосфера и детска песна. Фудбалерот на црвено-црните Љамчевски по повод оваа посета изјави :
-Со драго срце и добронамерна цел, денеска дојдовме овде да ги израдуваме дечињата од домот 25 Мај. Се надевам дека ФК Вардар и во иднина ќе продолжи да организира вакви прекрасни изненадувања за најмладите, како што тоа беше случај и досега. Си поминавме навистина интересно и се надевам дека денешната заедничка веселба ќе биде повод и понатаму да се дружиме. Воедно би сакал на сите дечиња кои се сместени во оваа установа, да им ги честитам новогодишните и божиќните празници, со најискрени желби за добро здравје, многу радост и безгрижно детство.