Младинците на ФК Вардар стигнаа до убедлива победа на контролен натпревар против екипата на Скопје. Момците на Никола Глигоров славеа убедливо со резултат 8:1, на натпревар кој се одигра на спортскиот комплекс во населбата Хиподром.
Самиот резултат говори за доминацијата на вардарци на овој натпревар. По првото полувреме имавме високо водство од 4:0. Антонио Мирков беше стрелец на првите два гола со кои му донесе водство на Вардар од 2:0. Во првиот дел противничката мрежа ја погодија уште и Филип Ѓоргоски за 3:0 и Славче Живков за 4:0.
Во вториот дел исто така имаше голеада во мрежата на Скопје, иако противникот беше тој што отвори со погодок во овој дел од натпреварот, кој до крајот се покажа и како единствен за нив, со кој намалија на 4:1. Мирков со својот хет-трик зголеми на 5:1, додека следеа два гола за Лео Андрески, со кои црвено-црните поведоа со 7:1. Конечните 8:1 на овој пријателски натпревар ги постави Мартин Илиевски, новото засилување за младинскиот состав.
Вардар: Гошевски, Трпезановски, Ѓоргоски, Гроздановски, Ричков, Каровски, Марковски, Здравковски, Андрески, Живков и Мирков.
Влегоа уште и Саит, Трајковски и Илиевски.