Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Прв пораз сезонава, Монпелје подобар од Вардар
Прв пораз сезонава, Монпелје подобар од Вардар

Прв пораз сезонава, Монпелје подобар од Вардар

Вардар го доживеа првиот пораз сезонава во Лигата на Шампионите. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните беа поразени од екипата на Монпелје.

Прилично лошо прво полувреме за нашиот шампион. Само на стартот од натпреварот успеавме да го израмниме резултатот на 2:2, додека остатокот од првиот дел му припадна на противникот кој постојано имаше предност и контрола на резултатот. Првата голманска интервенција ја имавме во 15 минута откако Ристовски го замени Томовски на голот, додека првиот гол го постигнавме дури после четвртиот удар кон противничкиот гол. Имавме неколку продадени топки, како и промашени удари, па може да се каже дека Монпелје заслужено беше во предност од четири голови после завршување на првиот дел. Во 13 минута за прв пат, гостинската екипа се одлепи на три гола (4:7), што беше знак за Вујовиќ да побара минута одмор. Успеавме некако да ги консолидираме своите редови, откако Ристовски стигна до втората интервенција, Георгиевски со својот прв гол намали на 7:8 во 17 минута од натпреварот. Со голот на Тото повторно стигнавме на гол негатива, откако претходно зицер удар одбрани Борко. Монпелје во 24 повторно ја врати разликата од три гола. Конечниот исход на првиот дел можеше да биде поинаков, доколку Тото успееше да погоди од добра позиција, но не успеа откако го погоди голманот, а во последната минута противникот успеа да постигне два гола на празен гол, откако Вујовиќ играше во нападот без голман, тоа лошо ни се одрази, па на полувреме Монпелје замина со солидно водство од 11:15.

По три минути игра во вториот дел, гостите од Франција имаа и водство од 13:18, се уште вардарци ја бараат својата најдобра игра. Вардар промашува многу зицери за да се доближи до негативата, најпрво Њокас, па и Дибиров не успеа да реализира удар од седум метри, а Монпелје ја одржува предноста од четири голови. Вардар го игра најлошиот натпревар сезонава, никако не успеавме да го фатиме потребниот ритам, многу грешки, за противникот да поведе и со 20:26 на десет минути пред крајот. Гостинот имаше и расположен голман кој стигна до двоцифрен број на одбрани, за неговиот тим да поведе и со осум голови разлика, по што беше јасно кој ќе ги освои бодовите. Томовски нанижа неколку одбрани, за да намалиме на пет гола, но далеку бевме од некакви возбудувања со оглед дека се ближеше крајот на мечот. Конечниот резултат на крајот гласеше 25:31.