Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Лошо второ полувреме, Вардар загуби од Кил
Лошо второ полувреме, Вардар загуби од Кил

Лошо второ полувреме, Вардар загуби од Кил

Вардар загуби трет последователен натпревар во Лигата на Шампионите. Поради лошото второ полувреме, останавме без бодови на натпреварот со екипата на Кил.

Вардар после истекот на првото полувреме имаше предност од 13:10, иако немаше да биде незаслужено ако оваа разлика и беше поголема. Благодарение на одличниот Мартин Томовски кој имаше 13 одбрани во првиот дел и на Дибиров кој погоди 7 пати од 9 обиди, беа клучните фигури кај црвено-црните во првите 30 минути од овој интересен натпревар од Лигата на Шампионите. Дувњак беше играчот кој успеа да го отвори натпреварот со гол, додека Вардар врати со серија од три погодоци и преку Дибиров поведе со 3:1. Имаше период кога Вардар беше без гол цели 8 минути, но Томовски со неговите одбрани одржуваше преднос на Вардар, која не беше повисока од еден гол разлика. Кил успеа повторно да поведе со голот на Пекелер за 6:7 резултат, но Вардар најпрво со петтиот гол на Дибиров го израмни резултатот, за во контра напад преку Дијало да поведе и со 9:8. Пеколна беше атмосферата во С.Ц. Јане Сандански, вардарци имаа огромна поддршка од своите навивачи кои и на овој натпревар беа „крилјата“ на Вардар. Во првиот дел Дибиров исто така беше феноменален, во сите три наврати го совлада Ландин од ударите од седум метри, додека Талески во нова контра му донесе водство на Вардар од 12:10. Одличниот прв дел со погодок го заокружи Њокас, за водство на Вардар од 13:10. Кил имаше неколку секунди за напад, но Томовски брани, за негова 13 одбрана во првиот дел.

Кил во вториот дел стигна до гол негатива, кога погоди Дувњак за 14:13, но црвено-црните се вратија во игра, па со погодокот на Оливие Њокас поведовме со 18:15. Дувњак се разигра во вториот дел па заедно со Зарабец беа ударната „игла“ во нападот на противникот, токму со нивните голови Кил стигна до израмнување (18:18) во 41 минута од натпреварот. Лоши пет минути за Вардар, во кои не успеаваат да постигнат гол, наспроти гостите кои направија серија од 0:4, што беше знак за Вујовиќ да побара тајмаут. Цели девет минути без гол, лоша серија која конечно ја прекина Дибиров откако Вујовиќ го стави да игра на среден бек. Вујо преферираше игра без голман во нападот, со цел да се доближи резултатски, но Кил знаеше како да казнува во вакви ситуации, погодуваат за највисоки 21:25 на девет минути пред крајот. Вардар се доближи на два гола негатива, но Дувњак повторно успева да реализира во напад. На крајот останавме без бодови, Кил славеше во Скопје. Конечниот резултат гласеше 26:29.