Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-17 > Три Вардарови генерации обезбедија полуфинале во младинскиот фудбалски куп
Три Вардарови генерации обезбедија полуфинале во младинскиот фудбалски куп

Три Вардарови генерации обезбедија полуфинале во младинскиот фудбалски куп

Пионерите, кадетите и младинците на фудбалскиот клуб Вардар на пролет обезбедија пласман во четирите најдобри екипи на националниот куп. Единствено нашите помлади пионери беа елиминирани од ова натпреварување и ќе немаат можност да го бранат трофејот од купот, освоен во минатата натпреварувачка сезона.

Пионерите предводени од Сашо Тодоровски успеаа на супериорен начин да ги поминат првите две пречки, на патот до полуфиналето и тоа без ниеден примен погодок. Веќе во 1/8 бевеме поуспешни од екипата на Академија Пандев. Овој дуел имаше само еден меч и тоа гостински во Струмица. Црвено-црните полесно од очекувањата ја наполнија мрежата на противникот, совладувајќи го со резултат 0:6. Марко Ѓоргиевски и Јакуп Бериша постигнаа по два гола, додека погодија уште и Милан Благојевиќ и Кристијан Ристовски. Во 1/4 за противник ја имавме Прилепска Победа, која со вкупен резултат од 7:0 ја елиминиравме од понатамошното натпреварување во купот. На првиот дуел бевме домаќини и речиси во голем дел си ја олеснивме задачата за пласман во 1/2. Црвено-црните славеа на свој терен со резултат 3:0 и навестија дека реваншот во Прилеп Ќе биде само формалност. Кренарт Дардлиша постигна два гола и еден дело на Јакуп Бериша.

За разлика од пионерите, кадетите своите настапи во националниот куп ги започнаа во 1/4. Младост Ц.Д беше противникот за кадетите во оваа елиминациска фаза, со кој немавме поголеми проблеми околу прашањето за конечниот победник. Уште по првиот натпревар одигран во Охрид беше решено која екипа ќе продолжи понатаму. Вардарци не оставија ништо на случајноста и решија да си обезбедат мирен реванш во Скопје, победувајќи со резултат 1:4. Нововлезениот Филип Таневски ги разреши сите дилеми постигнувајќи два гола, додека неговите соиграчи Никола Серафимов и Христијан Стојчевски му се придружија во листата на стрелци. По десеттина дена се одигра и реваншот на теренот на Локомотива помеѓу овие две екипи. Уште еднаш избраниците на Влатко Колев докажаа дека за класа се поквалитетен противник и рутински го добија натпреварот со резултат 4:0. За нашите кадети успешно стрелаа Александар Трајчевски и тоа на два пати, како и Михаил Геговски и Никола Серафимов.

Младинците се одмаздија за елиминацијата минатата сезона од екипата на Шкупи и “експресно“ со две победи го елиминираа тимот од Чаир во националниот куп. Гостинскиот триумф со резултат 1:2 ни даваше големи надежи дека избраниците на Љупчо Марковски ќе се пласираат во полуфиналната рунда. На тој меч Виктор Димков постигна гол, кој ретко се гледа на натпреварите во младинските фудбалски лиги, додека Кристијан Апостоловски во последните минути постигна гол за победа и предност пред реваншот на Локомотива. Оваа победа како да им даде доплнителни “крилја“ на нашите младинци, кои на својот терен уште еднаш го “понижија“ големиот противник со 4:1. Виктор Димков повторно беше во центарот на вниманието со два гола во гостинската мрежа, додека Есмин Личина и Јасир Беќири само ја потврдија доминацијата во овово двомеч. Инаку претходно во 1/8 од истово натпреварување во еден натпревар, црвено-црните беа подобри од екипата на Љубанци со минимални 1:0. Димков го постигна единствениот гол на овој натпревар.