Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Историја > Историја! ФК Вардар 1995г ја освои втората и последна двојна круна
Историја! ФК Вардар 1995г ја освои втората и последна двојна круна

Историја! ФК Вардар 1995г ја освои втората и последна двојна круна

Како и во првата година од постоењето на македонскиот фудбал така и во третата (сезона 1994/95) Вардар без ниту еден пораз, неприкосновено доминираше  на домашните фудбалски терени. Таа година со освојувањето на третата првенствена титула и вториот трофеј во купот, нашиот клуб по втор пат се закити со двојната круна, за која подоцна историјата покажа дека е и последна. Еве и ден денес две децении покасно копнееме по двојна круна, така и оваа сезона 2015/16 останавме без шанси за истата по испаѓањето од Шкендија во купот на Р.М.

Таа 1995 година во првата лига, црвено-црната казнена експедиција, забележа 23 победи и седум ремија на 30-те одиграни мечеви. На крајот од шампионатот, Вардар по трет пат беше убедливо прв со освоени 76 бодови . Признанието за најдобар стрелец, по едногодишна пауза одново заврши во рацете на Саша Ќириќ, кој овој пат во 35 наврати ги тресеше противничките мрежи. За разлика од годината претоа,  нашиот тим овој пат повторно се искачи на победничкиот трон и во најмасовното домашно натпреварување. Во големото финале, најтрофејниот македонски фудбалски клуб, со 2-1 го совлада тимот Силекс, кој беше тогашен бранител на престижниот трофеј. На европската сцена, Вардар втора година по ред доби шанса да се натпреварува во Купот на УЕФА. Откако во првото коло, со две победи ја елиминираше грузиската Самтредија, нашиот првак во наредната рунда беше сопрен од францускиот Бордо. Откако го загубија првиот натпревар во Скопје со 0-2, црвено-црните преку погодокот на Жарко Серафимовски имаа и почетно водство на возвратниот дуел, каде славниот Биксенте Лизаразу со удар од белата точка, ги постави конечните 1-1. Како мала утеха, Вардар како гостин успеа да ремизира, против тимот, кој таа сезона стаса дури до финалниот двомеч.