Денес, кадетите на ФК Вардар беа домаќини на ФК КУЛ во дуел од 15.коло во Супер лигата. На терен со вештачка трева при Тренинг камп Хиподром, успеавме да се извадиме во финишот и да освоиме бод. Ривалот имаше предност се до 89.минута кога ги поставивме конечните 2-2 (0-2).
Вардаровите кадети започнаа со овој состав: Филевски Никола, Трајковски Драган, Таневски Кристијан, Петровски Андреј, Јовановски Филип, Алији Алтин, Цветков Горјан, Абаз Мануел, Анчевски Никола, Недељковиќ Лука и Здравковски Симеон (К).
Првиот дел не започна идеално за нас, по само 10.минути екипата од скопската населба Кисела Вода ни поведе со 0-1. Ние атакувавме потоа на нивниот гол со цел да ја вратиме резултатската симетрија на овој натпревар од вонредното 15.коло во кадетската конкуренција. Имавме свои прилики кои не успеавме да ги реализираме па стигна казна, како што секогаш тоа е во фудбалот. Во 43.минута тимот на ФК КУЛ поведе со 0-2 на оваа средба и тоа со наш авто-гол. Заминавме на одмор со негатива од два гола и надеж за подобра реалзииација во продолжението од овој натпревар.
Во вториот дел на почетокот двата тима играа воздржано, сепак како минуваше времето ја преземавме инцијативата, а ривалот се одличи за дефазнивана тактика што и беше очекувано поради предноста од два гола која ја имаа на своето конто до тој момент. Во 78.минута успеавме да ја оствариме својата цел и да ја преполовиме разликата на гостинот, Јовановски Филип погоди за намалување на резултатот, односно за 1-2. Напаѓавме до крајот со сите сили за да изедначиме, две шанси не реализираше Алији Алтин. Се играше 89.минута по еден центар-шут од левата страна највисок во скокот беше Алији Алтин, тој со глава стрелаше за изедначување 2-2. Токму со неговиот гол успевме да дојдеме до реми на оваа средба.